Почетна
Македонија

Јаневска: Годинава се ангажирани речиси 1 800 образовни асистенти, двојно повеќе од 2024 г.

Од нив 1 602 се во основното, 176 во средното; државното училиште „Димитар Влахов“ работи како ресурсен центар од минатата година.

·Македонија
Јаневска: Годинава се ангажирани речиси 1 800 образовни асистенти, двојно повеќе од 2024 г.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска соопшти дека оваа учебна година во основното и во средното образование се ангажирани вкупно 1 778 образовни асистенти — повеќе од двојно во споредба со 2024 година, кога нивниот број изнесувал околу 800. Таа ги изнесе податоците на одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап во Собранието, настан организиран од интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост и „Зета“ – организација за попреченост и правда, во соработка со Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ и Националниот сојуз на слепите.

Ресурсен центар, нови стипендии и дополнителни стручни лица

Од вкупниот број, 1 602 асистенти се ангажирани во основното, а 176 во средното образование. Јаневска најави дека е во тек постапка за ангажирање дополнителен број стручни лица за образовна асистенција.

Министерката истакна дека Владата работи на унапредување на инклузивноста на образовниот систем преку зајакнување на стручните служби во училиштата, подобрување на пристапноста на училишните објекти и обезбедување дополнителна поддршка за учениците и студентите со попреченост.

Говорејќи за образованието на децата и младите со оштетен вид, Јаневска посочи дека државното училиште „Димитар Влахов“ во Скопје од минатата година функционира како ресурсен центар, во кој учениците со посебни образовни потреби добиваат стручна поддршка. Таа нагласи дека оваа учебна година во училиштето се запишани повеќе ученици отколку лани, што, според неа, укажува на зголемена доверба кај родителите, и најави реконструкција на училиштето по завршувањето на активностите поврзани со студентските домови.

Министерката подвлече дека континуираното опремување со современа дигитална технологија е особено важно за учениците со оштетен вид, затоа што им овозможува полесно учење, поголема самостојност и порамноправно учество во образовниот процес.

Исто така, таа информира дека се воведени две нови категории студентски стипендии за студенти со попреченост и ретки болести. Во соработка со Државниот архив на Република Северна Македонија е подготвена книга за учениците со оштетен вид која опфаќа теми за државата и значајни настани од светската историја, овозможувајќи им пристап до содржини кои претходно не биле достапни во соодветен формат.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи