Јаневска на УКИМ: Почна академската 2026/2027 година, најави стипендии и реновирани домови
На свеченоста Јаневска најави нови стипендии за студентите, реконструкции на домови и акредитирани студиски програми.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска го прогласи почетокот на академската 2026/2027 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, при што им посака добредојде на бруцошите и ги повика студентите да ги бараат знаењата со љубопитност и храброст.
„На ова плато се наоѓа најголемиот потенцијал што го има Македонија. Вие сте идните професионалци, иноватори и лидери кои ќе ја градат иднината на оваа држава“, рече Јаневска, повикувајќи ги студентите максимално да ги искористат можностите за истражувања, меѓународни размени и проекти.
Нови стипендии, реконструкции и акредитации
Министерката посочи дека високото образование е еден од главните приоритети на Министерството за образование и наука и дека веќе се преземаат конкретни чекори за усогласување со европските стандарди и со пазарот на труд. Како дел од тоа, беше направена евалуација на дел од постоечките, а се акредитирани и повеќе нови студиски програми.
Во однос на студентскиот стандард, Јаневска информира дека во Скопје се реконструирани два студентски дома, од кои еден беше предаден во употреба вчера, а наскоро се очекува отворање и на „Кузман Јосифовски-Питу“. „Околу 1 150 студенти ќе може да живеат и студираат во современи услови“, рече таа, алудирајќи на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“.
Министерката додаде дека наскоро ќе биде објавен конкурс за студентски стипендии, во кој ќе се воведат нови категории — меѓу кои и за поддршка на студенти со редки болести и за оние со посебни образовни потреби. Таа нагласи и соработката со студентските асоцијации, посочувајќи дека лично прифатила и реализирала десетина нивни барања за подобрување на студентскиот живот.
Со запишувањето на УКИМ годинава, на 23 факултети им беа слободни вкупно 8 851 место за бруцоши. На најстариот и најголем универзитет во земјата во моментов студираат над 26 илјади студенти, од кои повеќе од 23 400 се на додипломски студии; останатите се на магистерски и докторски студии. На УКИМ има 242 студиски програми во првиот циклус, 313 во вториот и 99 во третиот циклус.
Фото: прес-материјал од настанот


