Почетна
Македонија

Јаневска: Нема скратување на часови без прогласена жолта фаза, училиштата да ги почитуваат протоколите за жештини

Министерката посочи дека протоколите од Министерството за образование и наука се објавени и доставени до училиштата; скратувања ќе следат само при активација на жолта фаза.

·Македонија
Јаневска: Нема скратување на часови без прогласена жолта фаза, училиштата да ги почитуваат протоколите за жештини

Наставата во жешки денови треба да се организира во согласност со протоколот за постапување кога температурите се превисоки, изјави министерката Весна Јаневска, нагласувајќи дека протоколите се објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука и се доставени до сите училишта.

Јаневска во одговор на новинарско прашање рече дека од климатските промени не може да се побегне, но дека тоа не ги исклучува обврските на училиштата и наставниците.

„Но тоа не значи дека нашите деца не треба да учат. Она што треба да се направи е да се почитуваат протоколите. Се разбира дека раководството на училиштата и самите наставници, тоа е дел од нивната работа, ќе се приспособуваат на условите. Ако е жешко, нема да вежбаат физичко, ќе имаат одмор, ликовно, музичко, нешто друго… Јас не сакам да се мешам во нивната работа, но еве една идеја. Ако е постудено, ќе направат и некоја физичка вежба. Таму во протоколите пишува кога треба да се отворат, кога да се затворат прозорците, кои активности треба да ги имаат децата. Мора да се приспособуваме на сѐ што ќе биде предизвик,“ изјави Јаневска.

Во врска со прашањето дали ќе има клима-уреди во училиштата на почетокот и на крајот од учебната година, министерката одговори: „ќе има клими кога ние како држава ќе бидеме во можност да обезбедиме клими во сите училишта.“ Таа додаде дека работите се прават по приоритети и дека се очекува проблемот да се надмине во некој догледен период.

Појаснувањето за формалниот тригер за скратување на часовите дојде од Митески: „Ние ги следиме тие препораки и постапуваме исклучиво во согласност со протоколите. Во случај кога ќе влеземе во жолта фаза со температурите, каде што има одредени гранични вредности за секој месец одделно, вклучително и септември, тогаш ќе постапиме во согласност со протоколот. Доколку има појава на жолта фаза, ќе се постапи по протоколот и ќе се скратат часовите, меѓутоа доколку немаме жолта фаза, нема да пристапиме кон скратување.“

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи