Јаневска: Загрижува тоа што студентите бараат само социјални услуги наместо да се фокусираме на квалитетот на образованието
Министерката рече дека мерките за студентски стандард се проширени, а нов модел за оброк ќе стартува од 1 октомври и ќе опфати околу 30.000 студенти.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска изрази загриженост дека одредени студентски организации го насочуваат вниманието кон социјални барања наместо кон покачување на квалитетот на образованието, на Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември.
При увид во завршните градежни работи на студентскиот дом „Кузман Јосифовски‑Питу“, кој наскоро ќе биде повторно отворен за сместување, Јаневска посочи дека Владата двојно ги зголемила вложувањата во студентскиот стандард во однос на 2022 година.
Министерката ги наброја мерките кои беа преземени во изминатиот период: воведени се стипендии за студенти со посебни образовни потреби и за студенти со ретки болести, воведен е ваучерски систем и е проширен опсегот на студентскиот оброк.
„Губиме време на она што е решливо и студентите секако ќе го добијат тоа што им следува во процесот на нашата комуникација со репрезентативните студентски собранија. Првпат од оваа година имаме стипендии за студентите со посебни образовни потреби и за студентите со ретки болести, дадовме ваучерски систем и го проширивме опсегот на студентскиот оброк,“ рече Јаневска.
Ново софтверско решение за студентскиот оброк од 1 октомври
Според нејзините најави, од следната академска година — од 1 октомври — ќе почне да се применува ново софтверско решение за субвенционираниот студентски оброк, кое ќе опфати околу 30 000 студенти месечно.
Новиот модел ќе вклучува угостителски објекти, ресторани и пекари кои ќе нудат услуги по поволни цени, со дополнителен попуст од 20 отсто — и не само за субвенционираниот оброк, туку и за производите што студентите ќе ги купуваат од свои средства.
Јаневска додаде дека министертвото сé уште чека официјален одговор од студентите и дека следната недела ќе ги повикаат на повторен состанок за да се дефинира финалното решение. „Веќе следната недела МОН ќе биде проактивно, ќе ги повикаме повторно на состанок, за да видиме што конечно решиле. Начелно го прифатија моделот, ним тој им се допаѓа, но треба сега и официјално тоа да го заокружиме,“ рече таа.
Министерката појасни дека за дневната субвенција од 140 денари по студент, државата годишно одвојува меѓу 16 и 17 милиони евра — сума која, според неа, е еднаква на изградба или целосна реконструкција на речиси два студентски дома годишно. Таа потенцираше и дека пакет‑законите што се заглавени во Собранието се исклучително важни за високото образование, пазарот на труд и иднината на младите.
„Оптимист сум и комуницирам со пратенички групи и пратеници. Многу важно е тие да се донесат што е можно побргу, за да може што е можно побргу да ги почнеме реформите,“ додаде Јаневска.
Фото: прес-материјал од настанот


