„Каде се родителите?“ — снимките од собирот на Боки 13 разгореа дебата
Активист повика на поголема родителска ангажираност поради снимки каде деца се појавуваат со Боки 13.

Снимките од собирот на Боки 13 повторно го активираа спорот на социјалните мрежи откако активистот Умејр Мухамеди објави мислење во кое изразува загриженост за големиот број деца присутни на настанот.
Мухамеди во својата објава укажува дека на фотографиите и снимките се гледаат деца кои позираат и се забавуваат со личност која претходно беше осудена во случајот „Рекет“, а чии јавни појави и видеа често содржат исмејување и навреди кон други луѓе.
Јавна реакција и поделби
„Снимките од ‘концертот’ на Боки 13 се загрижувачки. Деца на возраст под 15 години се сликаат, се забавуваат со осуден криминалец и кој води емисија каде цело време навредува и исмејува други лица. Загрижувачки е што неговите видеа каде навредува и исмејува други лица поради изгледот имаат илјадници прегледи“, напиша Мухамеди.
Тој во објавата дополнително порача дека најголема одговорност лежи кај родителите: „Уште позагрижувачки е што родителите не издвојуваат време со децата да ги едуцираат и да ги насочат на правилен пат. Ако веќе не учат од науката, тогаш барем едуцирајте ги како да се забавуваат, бидејќи ова не е начин. Ова ќе им создаде сериозни проблеми на вашите деца, кои ќе мислат дека сè што го сервираат ликови како Боки 13 е нормално“.
Реакциите на корисниците беа поделени: дел го поддржаа повикот за зголемена вклученост на родителите и промоција на медиумската писменост меѓу младите, додека други потенцираа слобода на избор и право секој да следи какви содржини сака. Дискусијата го поттикна повторното преиспитување на влијанието на јавните личности и содржините на социјалните мрежи врз децата и тинејџерите, како и на улогата на семејството во формирањето вредности и критичко мислење.
Фото: прес-материјал од настанот