Почетна
Балкан

Калас и Кос: Новата влада во Србија доби силен мандат, ЕУ очекува реализација

ЕУ ги повикува српските власти на брзо сертифицирање на резултатите и на имплементација на препораките за изборни реформи.

·Балкан
Калас и Кос: Новата влада во Србија доби силен мандат, ЕУ очекува реализација

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос во заедничка изјава ја поздравија излезноста и резултатите од предвремените парламентарни избори во Србија одржани на 25 октомври, оценувајќи дека новата влада добила силен мандат за промени.

Во соопштението се истакнува дека брзото признавање на изборните резултати од страна на главните учесници покажало посветеност кон непречен демократски процес и се повикува на официјално сертифицирање на резултатите за да се овозможи уредна транзиција и формирање на Собранието и Владата без оддолжување.

Калас и Кос посочуваат дека при нивната проценка биле земени предвид прелиминарните наоди на меѓународната изборна набљудувачка мисија (ИЕОМ) на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), на Европскиот парламент, на Парламентарното собрание на Советот на Европа и на Парламентарното собрание на ОБСЕ.

Наоди и забелешки

Како што стои во соопштението на дипломатките, „ИЕОМ истакна дека длабоко вкоренетите предности што ги уживаше владејачката партија, вклучувајќи злоупотреба на државните ресурси и изразена пристрасност во медиумското известување во корист на партијата на власт, застрашувањето и притисокот врз гласачите, кандидатите и граѓанското општество, како и нарушувањето на кампањските активности, го нарушија изборниот амбиент. Пријавените инциденти на физичко насилство предизвикаа сериозна загриженост."

Европанките нагласуваат дека слободни, фер и транспарентни избори во согласност со меѓународните стандарди се предуслов за функционирање на демократските институции и за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Приоритет, велат, е опипливо подобрување и реформа на изборната рамка преку инклузивен процес кој ќе вклучува сите релевантни чинители и ќе овозможи вистинска имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа.

„ЕУ останува подготвена да соработува тесно со идната српска влада во однос на темелите на процесот за пристапување кон ЕУ, конкретно за демократските критериуми, независното судство и основните права, вклучувајќи ја и слободата на медиумите. Гледајќи напред, намалувањето на поларизацијата во општеството е од суштинско значење за поттикнување на довербата кај граѓаните и надминување на поделбите. ЕУ е подготвена да понуди поддршка за реформите и истите да ги претвори во можности за граѓаните на Србија" стои во заклучокот од изјавата на Калас и Кос.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи