Почетна
Македонија

Каранфилова – Пановска најави итни мерки за откупот на грозјето во Тиквешијата

СДСМ бара итни законски мерки и гарантиран откуп додека лозарите во Тиквешијата ризикуваат да го изгубат родот.

·Македонија
Каранфилова – Пановска најави итни мерки за откупот на грозјето во Тиквешијата

Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска, од Кавадарци побара итни парламентарни решенија за да се спречи загуба на годинешниот род во Тиквешијата, тврдејќи дека лозарите се соочуваат со неоткуп и со прекумерно ниски откупни цени, додека Владата не преземала чекори за заштита на нивниот труд. Таа директно го праша премиерот Христијан Мицкоски со кое образ е на прославата на Тиквешкиот гроздобер додека проблемите остануваат нерешени.

Предлози за цена и интервенционен откуп

Каранфилова – Пановска најави дека СДСМ ќе поднесе итни законски решенија во Собранието со кои ќе се побара зголемување на откупната цена на 28 денари за вранецот и на 25 денари за смедеревката. Тие ќе предложат и интервентен откуп, особено за вранецот, како и отстранување на осумпроцентното намалување на откупната цена доколку плаќањето се изврши во рок од 8 дена.

Таа посочи дека состојбата со вранецот е особено алармантна и дека времето за реакција е кратко. „Грозјето е по нивите. Лозарите се жалат дека вранецот, доколку не се откупи во следните 2-3 дена, ќе остане комплетно, родот ќе биде неупотреблив“, рече Каранфилова – Пановска.

Покрај тоа, таа истакна дека партијата ќе бара загарантиран откуп за целото грозје оваа година. „Ќе побараме загарантиран откуп за целото грозје оваа година“, додаде таа.

Каранфилова – Пановска реагираше и на повикувањето во полициска станица на советникот на СДСМ во Советот на Општина Кавадарци, Вуко Мелов, поради објава на Фејсбук, што според неа е пример за притисок и заплашување на оние кои алармираат за состојбата на лозарите.

Инаку, минатиот месец лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог-закон со кој откупната цена на сите сорти винско и трпезно грозје ќе се зголеми за 5 денари по килограм.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи