Кичево–Охрид: стабилизациски работи по 12 години изградба
Поставување армирано-бетонски колови и 250 инженерски решенија; критики за еколошки последици врз реката Треска.

По 12 години градежни работи, автопатот Кичево–Охрид сè уште се соочува со сериозни проблеми од теренот: свлечишта и нестабилна, сложена подлога кои бараат дополнителни инженерски интервенции. Во близина на селото Ботун се работи на стабилизација на косините, со поставување на армирано-бетонски колови длабоко под идната траса.
Масивни арматурни конструкции и нови гео-истражувања
Како што објаснува министерот за транспорт и врски Александр Николоски, „Се влегува во змејата 7 до 11 ката надолу. Се спуштаат арматурни кафези – секој арматурен кафез тежи по 30 тони железо – и истите потоа се поливаат со бетон.“ Оваа метода се применува на критични делови каде основата на теренот е особено слаба.
На целата траса треба да се постават околу 250 вакви решенија, што е резултат и од новите гео-истражувања. „Дополнително се направени гео-истражувања во должина од 7 километри на околу 400 до 500 локации со различна длабочина, за да се види составот на земјиштето каков е долу во долниот дел, со цел да се види на кој начин и со која технологија ќе биде стабилизирано,“ рече Коце Трајанов, директор на ЈП ДП.
Покрај инженерските предизвици, проектот предизвикува и еколошки реакции. Активистот Милан Алексоски предупредува дека со лошото планирање и недостиг на документација интервенциите по трасата оставаат последици врз сливното подрачје на Треска и нејзиниот биодиверзитет.
„Пореметувањето на геодиверзитетот на Бистра, Стогово и Илинска Планина по трасата на новиот автопат има силно негативно влијание врз биодиверзитетот на реката Треска и сите нејзини извори и притоки. Поморот на македонската автохтона пастрмка нека биде црве аларма за превенирање на катстрофалните последици кои допрва не очекуваат“, пишува Милан Алексоски на ФБ.
Министерот Николоски ги отфрла овие тврдења и нагласува дека не постои врска со градежните работи: „Тоа не е поврзано со изградбата на автопатот. На ниту еден начин не е поврзано со изградбата на автопатот. Автопатот воопшто не е поврзан со изворите на Треска,“ рече Николоски.
Финансиските бројки дополнително ја истакнуваат тежината на проектот: од првично предвидените 411 милиони евра за 57 километри, трошоците пораснале на 744 милиони евра — или околу 13 милиони евра за километар. Досега се изградени 37 километри, а властите најавуваат дека целата траса треба да биде пуштена во употреба во првата половина на 2027 година.
Фото: прес-материјал од настанот


