Кина потврди разговори за средба на Трамп, Путин и Си
Мао Нинг потврди дека Пекинг контактира со заинтересираните страни за можна средба во текот на ноември на маргините на АПЕК.

Кина потврди дека се водат разговори за организирање на средба на која би се сретнале американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг. Доколку биде реализирана, тоа би била историска средба на тројцата претседатели во време на сериозни геополитички тензии и војни во повеќе делови од светот.
Портпаролката Мао Нинг изјави дека Пекинг е во комуникација со заинтересираните страни за можноста тројцата лидери да се сретнат во текот на ноември. Засега нема конечен договор за одржување на состанокот ниту официјално потврдена агенда.
Дипломатски извори и аналитичари велат дека потенцијалната средба би се одржала на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во кинескиот град Шенжен, но конечниот формат и датум се уште не се утврдени.
Различни приоритети кај лидерите
Трамп веќе најави дека е заинтересиран за разговори со Путин и Си Џинпинг, особено за прашања поврзани со контрола на нуклеарното вооружување. Рускиот претседател, пак, сака во фокусот да биде војната во Украина.
Според дипломатските извори и аналитичарите, Москва ја гледа можноста да ја зацврсти својата дипломатска позиција преку ваква средба, додека Пекинг настојува да одржува балансирани односи и со Вашингтон и со Москва. Аналитичарите предупредуваат дека интересите на трите сили значително се разликуваат околу прашања како Украина, Иран и нуклеарното вооружување, па средбата најверојатно ќе има поголемо симболично отколку оперативно значење.
Можниот состанок се случува во време кога САД и Кина се обидуваат да го зачуваат кревкиот трговски договор кој треба да истече во јануари. Американскиот трговски претставник Џејмисон Грир во петокот ги повика кинеските власти целосно да ги исполнат обврските во однос на купувањето земјоделски производи и снабдувањето со ретки земни метали и други критични минерали, додека кинеската страна изразила загриженост поради американските ограничувања во трговијата со Кина.
Фото: прес-материјал од настанот


