Кипар технички подготвен за Шенген, но Австрија и Холандија оставаат резерви
Никозија ја доби позитивната техничка оценка, но влезот во Шенген бара едногласна политичка одлука и се судира со територијални и безбедносни прашања.

Кипар доби позитивна техничка оценка од Европската Kомисија што ја потврдува имплементацијата на мерките потребни за приклучување кон Шенген-зоната, но политичките пречки што ги наметнуваат некои членки на ЕУ можат да го одложат или блокираат пристапувањето.
По повеќегодишни подготовки и спроведување на 120 технички препораки, Никозија ја доби позитивната оценка на Комисијата во јули. Заменик-министерот за миграција и меѓународна заштита, Николас Јоанидес, на 1 октомври потврди дека „сите препораки дадени од Европската Kомисија сега се сметаат за спроведени.”
Австрија и Холандија изразуваат политички резерви
Сепак, техничката подготвеност сама по себе не е доволна. За влез во Шенген е потребна едногласна одлука на Советот на ЕУ по консултација со Европскиот парламент, а Австрија и Холандија веќе неформално изразија резерви.
Нивните забелешки се насочени кон поделбата на островот долж околу 180 километри долгата Зелена линија и посебниот статус на британските суверени бази Акротири и Декелија. Експертите велат дека токму овие прашања го отежнуваат прашањето кој има ефективна контрола над надворешните граници на Шенген.
Д-р Насија Хаџигеоргиу, вонредна професорка по транзициска правда и човекови права, предупреди дека недостатокот на целосна државна контрола долж линијата е клучниот проблем: „Прашањето што го покренуваат некои шенгенски земји е тоа што Република Кипар не ја контролира целата Зелена линија. Таа можеби ги контролира премините, но постојуваат и отворени делови од теренот.” Таа додаде: „За да се смета дека има целосна контрола, нешто би морало да се промени. Или кипарското прашање би требало да биде решено, или да се воспостави строго контролирана физичка граница. Нема друг начин.”
Дополнителна компликација претставува присуството на двете британски суверени бази, кои заедно зафаќаат 254 квадратни километри, односно речиси три проценти од островот, и кои остануваат под британски суверенитет. Делови од базата Декелија граничат и со територијата под контрола на Република Кипар и со самопрогласената Турска Република Северен Кипар; два премина во таа област ги контролираат британските власти.
„Ова е проблематично бидејќи подрачјето за кое станува збор од едната страна е контролирано од властите во окупираниот север, а од другата страна од британските суверени бази,” изјави Хаџигеоргиу. „Како резултат на тоа, Обединетото Кралство би контролирало кој влегува и излегува од Шенген-зоната. Тоа е невообичаена ситуација, бидејќи вообичаено самите држави членки на Шенген одлучуваат кој може да влезе и да ја напушти зоната.”
Никозија веќе започнала преговори со британските власти во базите за унапредување на процедурите на премините Пергмас и Стровилија со цел усогласување со барањата на ЕУ. Истовремено, владата ги засили дипломатските напори: на 1 октомври заменик-министерот Јоанидес оствари билатерални средби со колеги од Австрија, Холандија и Финска на маргините на состанок на Советот на ЕУ за правда и внатрешни работи во Луксембург, а Кипар доби јавна поддршка од медитеранските партнери на самитот МЕД9 на 7 октомври во Хрватска.
И покрај позитивните технички оцени и дипломатските напори, дипломатски извори предупредуваат дека пристапувањето не е загарантирано и дека ЕУ веројатно ќе почака напредок околу поширокото решение на кипарското прашање пред да донесе коначна политичка одлука, за да не создаде дополнителни политички и практични компликации.
Фото: прес-материјал од настанот


