Кириите полудуваат: 50 квадрати во Центар 450 евра, вкупни месечни закупнини 2,38 милиони евра
Станови и деловни простории го подигнаа вкупниот износ на месечни закупнини за 29,4% во првата половина од 2026 година.

Агенциите нудат стан од 50 квадратни метри во Центар за 450 евра месечно, а сличен стан во Аеродром за 350 евра; куќа погодна за резиденција се појавува со месечна закупнина од 2.000 евра, а гаража во центар е понудена за 4.000 денари. Според огласите и агенциските понуди, да се најде стан под кирија во Скопје, особено во најбараните општини, станува се потешко.
Вкупниот износ на месечните закупнини регистрирани во земјава достигна 2,38 милиони евра во првата половина од 2026 година — раст од 29,4% во однос на истиот период лани и 52,6% во споредба со првото полугодие од 2024 година.
Деловните простори и становите го движат растот
Растот на приходите од закупнини е значително поголем од зголемувањето на бројот на закупи. Во првите шест месеци од 2026 година се регистрирани 4.731 закуп, што е за 56 повеќе во однос на истиот период во 2025 година (раст од 1,2%). Најголем придонес во зголемувањето на вкупниот износ имаат деловните простори и становите.
Вкупниот износ на месечните закупнини за деловни простории се зголеми од 855.200 евра во 2024 година, на 1,05 милиони евра во 2025 и достигна 1,54 милиони евра во првата половина од 2026 година. Кај становите, вкупните месечни закупнини пораснале од 299.300 евра во 2024 на 326.100 евра во 2025 и 397.700 евра во 2026 година.
На станбениот пазар највисоки просечни месечни закупнини по квадратен метар се регистрирани во Центар — 396 денари/м², потоа во Аеродром со 378 денари/м² и во Карпош со 367 денари/м². Центар има и најмногу закупи на станови — 314, пред Аеродром (242) и Карпош (163), како и најголем вкупен износ на месечни закупнини за станови од 8,33 милиони денари и најголема вкупна закупена станбена површина од 21.847 м².
Најголем раст на бројот на станбени закупи е забележан во Куманово (75%), следи Аеродром (55%) и Штип (43%). Кај просечната закупнина по м² најголем пораст е во Прилеп (55%), Охрид (33%) и Кисела Вода (14%). Од друга страна, просечните закупнини се намалиле во Тетово, Куманово и Гази Баба.
Од вкупно 4.731 закуп во првата половина од 2026 година, 1.954 се однесуваат на деловни простории (раст од 13,7% во однос на 2025), а кај становите се регистрирани 1.359 закупи (пораст од 6,3% на годишно ниво). Земјоделското земјиште и шумите бележат пад — по 902 закупи во 2025 година, во првата половина од 2026 се регистрирани 604 (пад од 33%), иако тоа е за 25,6% повеќе во однос на 2024 година. Кај куќите бројот на закупи е речиси непроменет (538 во 2025 на 544 во 2026), додека кај гаражите има значителен раст од 26 на 47 закупи (раст од 80,8%).
И пазарот на купопродажби се прошири: вредноста на купопродажбите достигна 625,7 милиони евра во првата половина од 2026, што е зголемување од 21,3% во споредба со истиот период лани (2025: 516 милиони евра; 2024: 446,9 милиони евра). Од 11.395 купопродажби во првото полугодие, 3.746 беа продажби на станови, а 3.703 се однесуваа на земјоделско земјиште и шуми; куќи 1.424, градежно земјиште 1.366. Становите имаат најголема вкупна вредност — 289,1 милиони евра.
Вредноста на купопродажбите на деловни простории порасна за 80,7%, од 54,4 милиони евра во 2025 на 98,3 милиони евра во 2026. Има и поединечни високи цени: платената вредност за квадратен метар во Кисела Вода достигнала 2.888 евра, а стан од 45 м² чинел 130.000 евра.
Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески


