Ќе остаре првата генерација додека да се спроведе законот за млади
Локалниот пример Пробиштип покажува што може да се направи, но на државно ниво недостигаат критични институции и ажуриран регистар.

Шест години откако во 2020 година беше донесен Законот за младинско учество и младински политики, имплементацијата во земјава е далеку од целосна: механизмите и институциите кои треба да ги направат младите рамноправни партнери во одлучувањето постојат само во мал дел од општините, а на државно ниво не се формирани сите тела што ги предвидува законот.
Локални успехи, државни празнини
Процесот делумно се одржува благодарение на финансиската и програмска поддршка од ЕУ за граѓанските организации. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади најавуваат нов закон, но активистите велат дека за промени се потребни конкретни чекори и на локално и на централно ниво.
Лани во Скопје млади од Србија, Косово, Албанија и Македонија потпишаа заедничка декларација за овластување на младите по меѓународна конференција на која учествуваа околу 180 лица. Еден од организаторите на терен, активистот Виктор Бучковски, изјави: „ Мислам дека кога ќе видиш другите од другите држави, дека има слични на тебе, тоа те охрабрува дека сепак регионот има некоја нова сила, на која ако и се даде простор може да го движи “.
На општинско ниво главниот формален канал за вклучување на младите е Локалниот младински совет. Законот предвидува тие да бидат избрани во посебна постапка, членството да биде најмалку една третина од бројот на советници во општината и да предлагаат конкретни проекти кои општината треба да ги спроведе.
Пробиштип е презентиран како пример: таму, со надворешна поддршка, општината и младите го подготвија акцискиот план кој вклучува мерки како субвенционирање на изучување странски јазици за младите, ослободување од одредени трошоци за регистрација на бизнис до 29‑годишна возраст, субвенционирани велосипеди за млади и подобрување на велосипедската инфраструктура. Претседателката на Локалниот младински совет – Пробиштип, Василија Василева, го опиша документот и мерките: „Дел од активностите којшто ги опфаќа тој документ се субвенционирање за изучување на странски јазици за младите од нашата општина. Ослободување од трошоците за фирмарини за секој млад човек до 29 години којшто има желба да основа свој сопствен бизнис. РЕЗ/контра кадар (малку се збунува) Обезбедување средства за субвенционирање на велосипеди за млади и секако поврзано со тоа за подобрување на инфраструктурата за велосипедски патеки “.
Тимот на советот и општината се соочува и со предизвици за одржливост. „Моментално ние сме пет членови. Меѓутоа, го имам тоа чувство дека паѓа ентузијазмот кај членовите. Тоа ниво на работа не е исто како на самиот почеток. Најчесто се сведуваме на двајца активни членови коишто се залагаат за тие политики за млади и активности коишто се организираат и ги организиравме во Пробиштип.“ — вели Василева, опишувајќи го опаѓањето на активноста.
Градоначалникот Тони Тоневски, во разговор со учениците и екипата, рече дека општината има основа за понатамошна работа: „ Ние како општина имаме преземено доста обврски од тоа што го има, што го содржи законот за млади. Меѓу кои имаме организирано и младинскиот совет, имаме и младински центар со доста активности. Имаме и акциски план за млади усвоено“, и додаде дека, иако многу активности биле имплементирани со поддршка од ЕУ или членки, општината ќе продолжи и самостојно.
Состојбата на национално ниво покажува назадување. Од вкупно 81 единица на локалната самоуправа, Локални младински совети до декември 2025 година имало само во 24 општини, според последниот годишен извештај на Националниот младински совет. Тоа е пад од 28 во 2024 и од 34 во претходната година. Младински центри и младински канцеларии има само во 15 од 81 единици, додека службеници за млади се регистрирани во 57 општини.
Драгана Каровска‑Чемерска од ХЕРА, организацијата која ја реализираше конференцијата и проектот со Пробиштип, ја опиша зачатрканата логика која ги блокира највисоките тела што ги предвидува законот: "Тоа тело не може да се формира од проста причина што, за да се формира треба да има собрание. За да има собрание треба две третини од организациите што работат со млади да се соберат. А тие не можат да се соберат затоа што регистарот на младински организации не е ажуриран. И, сега, министерството не го ажурира затоа што не е формално во нивна надлежност, за тоа е потребни законски измени итн и итн… Ние сме свесни дека се тоа комплицирани процедури, меѓутоа повеќе од две години се поминати откако министерствот".
Активистите предупредуваат дека фрустрацијата расте и дека институциите или ќе забрзаат со спроведувањето или ќе ризикуваат да ги одалечат младите за кои законот е наменет. Како што вели Бучковски: „ Доколку институциите не ги почитуваат младите, младите треба со исто непочитување да вратат кон институциите бидејќи институцијата, гледам од моето досегашно искуство, дека единствениот момент кога ги разбира младите како релевантен фактор е доколку се загрижи за нејзината стабилност “.
Фото: прес-материјал од настанот


