Неготино меѓу најатрактивните локации за дата‑центри; државните сервери расфрлани на над 40 локации
Министерот Стефан Андоновски повика на изградба на национален дата‑центар за да се обезбедат континуитет и независност од странска инфраструктура.

На конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, одржана на 26 ноември 2026 година и организирана од Стопанската комора и УНДП, учесниците заклучија дека Македонија треба да изгради национален дата‑центар за да ги стабилизира дигиталните услуги и да го следи напредокот на вештачката интелигенција.
Министерот: Државните сервери се расфрлани на над 40 локации
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски предупреди дека државните системи се распоредени на повеќе од 40 локации во Скопје, што создава сериозни ризици за континуитетот на услугите. "Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат разни институции. Често се случува да има прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизација или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги", рече Андоновски.
Според него, проектот за национален дата‑центар е вклучен како индикативен проект во планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата, а се разгледуваат опции за дополнително финансирање. Тој предупреди дека земји што нема да изградат сопствени капацитети ќе станат посилно зависни од странски технолошки компании и инфраструктура.
"Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да може да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети", истакна Андоновски и дополнително напомена дека државата работи на обезбедување пристап до капацитети преку регионални иницијативи и поддршка од ЕУ, но дека на долг рок е неопходна домашна инфраструктура.
Петар Пешев од „Ултра“ предупреди дека различните видови дата‑центри имаат различно влијание врз потрошувачката на енергија и животната средина и дека треба јасно да се прави разлика меѓу класични центри и оние наменети за вештачка интелигенција. "Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип на дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти", појасни Пешев.
Анализите презентирани на настанот посочија дека има потенцијални локации за мали и средни дата‑центри во напуштени индустриски капацитети и во близина на индустриски развојни зони во Скопје и Охрид, а особено привлечна беше означена околината на Неготино.
Министерот го нагласи и прашањето на кадрите: земјата годишно создава речиси илјада ИТ‑инженери, кои ќе треба да се специјализираат во области како кибербезбедност, cloud computing и управување со центри за податоци за да ја поддржат домашната инфраструктура.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески повика на отворена дебата за индустријата, екологијата и технолошките промени, додека постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан ја оцени зелената транзиција како можност за инвестиции. Заменик‑шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, порача дека "Без одржливост нема траен профит. Компаниите што навреме ќе инвестираат во енергетска ефикасност, иновации и зелени технологии ќе бидат поотпорни, поконкурентни и попривлечни за инвеститорите."
Фото: прес-материјал од настанот


