Предлози за измени на законот за семејно насилство уште не се на дневен ред, велат од Националната мрежа
Мрежата бара брза примена на предлозите за полициски овластувања, заштита на деца и електронски алки додека почнува кампањата „16 дена активизам“.

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство соопшти дека предлозите за измени на Законот за заштита на жени и жртви на семејно насилство, поднесени во август, сè уште не се ставени како точка на дневен ред во Собранието.
На прес-конференција извршната директорка Елена Димушевска ги објасни трите основни предлози: „Предлог-измените што ги бараме се зголемени полициски овластувања, односно во случај на непосредна и сериозна опасност, да може сторителот да биде отстранет од домот. Втората измена се однесува на унапредената заштита на децата жртви на насилство односно насилниците привремено да не смеат да ги гледаат децата и да немаат комуникација со нив. Она што мора сите да го запомниме е дека децата, независно од тоа дали се директни, секогаш се индиректни жртви на насилството во домот. Третата измена е давање можност за електронски алки во случај кога им е изречена забрана за доближување и комуникација со жртвата“, рече Димушевска.
Кампањата „16 дена активизам“ почнува денес
Димушевска рече дека предлозите ги подготвила работна група составена од професионалци од сите институции што се занимаваат со оваа проблематика. Преку слоганот „Своја на своето“ започнува националната кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“.
Националната кампања е заеднички организирана од сите агенции на Обединетите нации во земјата, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасади и бројни институционални и граѓански партнери. Оваа година посебен акцент се става на економското насилство врз жените и девојчињата, со цел подигнување на свеста за скриените облици на насилство кои често се занемаруваат, но неретко претставуваат вовед во потешки форми на злоупотреба.
Поради зголемување на бројот на пријави за родово базирано насилство и фемициди во Северна Македонија, се бара секоја пријава да биде проследена со брза, координирана и кон преживеаната насочена реакција. Се повикува на посилна примена на постојните закони, проширување на услугите за поддршка, ефикасни мерки за заштита и поголема одговорност за сторителите, при што се нагласува и улогата на превенцијата преку образование и надминување на штетните родови стереотипи.
„Неодамнешните случаи на насилство врз жени во Северна Македонија се болно потсетување дека како општество мора да направиме повеќе. Институциите мора да ги заштитат жртвите и да ги повикуваат сторителите на одговорност, но мораме и да ги промениме ставовите што го нормализираат насилството, ги обвинуваат жртвите или поттикнуваат молк. Насилството врз жените никогаш не е приватна работа. Европската Унија цврсто стои покрај секоја жена и девојче, не само во текот на овие 16 дена активизам, туку секој ден“, изјави амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Кампањата трае од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Денот на човековите права. Во текот на наредните 16 дена низ целата земја ќе се одржат настани, дискусии и активности за подигнување на јавната свест и промовирање нулта толеранција кон сите форми на насилство.
Фото: СДК.МК)


