Клековски: Има отпор кон децентрализацијата на онколошките терапии, работиме да го решиме тоа
Министерот посочи дека Клиниката за онкологија ќе остане централна, но дел од терапиите треба да се пренесат поблиску до пациентите.

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека постои отпор на Клиниката за онкологија и во дел од клиничките болници кон плановите за децентрализација на онколошката терапија и дека министерството работи со управите на болниците тоа да се реши што побрзо.
На прес‑конференцијата по повод првите 100 дена на функцијата, Клековски наведе дека меѓу клучните проблеми каде е потребно поголемо вложување се радиологијата, онкологијата, Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и преиспитување на концептот на долгорочна нега.
Каде ќе се даваат терапиите
На прашање за долгонајавуваната децентрализација на онколошката терапија, министерот направи паралела со Клиниката за неврологија и посочи дека се јавил отпор кога се зборувало за давање терапија надвор од таа клиника.
Клековски рече: "Ќе направам аналогија со Клиниката за неврологија. Велеа дека има многу работа бидејќи многу пациенти се вклучени на биолошка терапија за мултипла склероза. Ама во моментот кога рековме : 'Дајте да ја даваме терапијата надвор од Клиниката за неврологија', почна отпор. А морам да кажам дека цела година работевме да почне таа терапија да се применува за почеток во Штип, Охрид и во Градската општа болница (ГОБ) '8 Септември' во Скопје. Националниот план ќе го подготвиме, меѓутоа основата е тоа дека Клиниката за онкологија останува централна болница за третман, меѓутоа неопходно е дел од терапиите да се пренесат во неколку други болници поблиску до местото на живеење."
Тој нагласи дека идејата не е да се укине улогата на Клиниката за онкологија како централна работна единица, туку да се овозможи дел од терапиите да се префрлат во неколку избрани клинички центри поблиску до пациентите, со цел да се намалат патувањата и да се подобри пристапот до третманот.
Министерот додаде дека министерството работи со раководствата на болниците за надминување на забелешките и за финализирање на националниот план со јасни критериуми кои терапии можат да се децентрализираат и како ќе се спроведе трансферот.
Фото: Архива на СДК.МК)


