Реконструиран одделот „Машки 2“ во Психијатриската болница Бардовци за 300.000 евра
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска го отвори обновениот оддел со површина од околу 600 м², по повод Светскиот ден на менталното здравје.

Во Психијатриската болница Скопје (Бардовци) целосно е реконструиран одделот „Машки 2“ со вложување од 300.000 евра, соопштија од болницата. Одделот има површина од околу 600 квадратни метри, а денеска го отвори министерот за здравство Сашо Клековски, по повод Светскиот ден на менталното здравје.
Договор за континуирани средства во основниот буџет
Министерот истакна дека со болницата е постигнат договор основниот буџет да содржи средства за континуирани реконструкции, со цел надминување на долготрајните инфраструктурни недостатоци во психијатриските установи.
„Пред четири децении, за време на моите студии, едно од двете најтешки искуства ми беа нечовечките услови во психијатриските установи. Работиме тоа да се смени. Со болницата е договорено, основниот буџет да вклучува средства за континуирани реконструкција, бидејќи тоа е потребно на психијатриските установи, кои со децении работеле во несоодветни услови“, изјави министерот.
Од болницата појаснија дека целта на реконструкцијата е да се подобрат условите за лекување и престој на пациентите, како и работните услови за вработените.
Проектот е претставен како дел од поширока иницијатива за модернизација на установите за ментално здравје, кои со децении функцинирале во несоодветни простории.
Отворањето на обновениот оддел беше прикажано како конкретен чекор кон обезбедување достоинствени и безбедни услови за пружање психијатриски услуги.
Фото: Министерство за здравство)


