Почетна
Македонија

Клековски ќе објави епидемиолошки извештај за Гостивар, ги повика ЈКП и општината да ги објават анализите за вода

Министерот за здравство ќе ги објави епидемиолошките наоди; резултатите од испитувањата на водата ги побара да ги објават ЈКП и општината.

·Македонија
Клековски ќе објави епидемиолошки извештај за Гостивар, ги повика ЈКП и општината да ги објават анализите за вода

Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе објави епидемиолошки извештај за настанот во Гостивар во четврток и повика Јавното комунално претпријатие и Општина Гостивар да ги објават испитувањата на водата. Во инцидентот над 5 000 граѓани се заразија по консумирање на вода од градскиот водовод.

„Сакам да расчистам една дезинформација што се шири. Јас кога објавив, реков дека ќе објавиме информации на 20 август, тоа е епидемиолошкиот извештај за Гостивар. Таму ќе биде наведено што и како и кои институции што направиле“, рече Клековски.

Што ќе објави Министерството

Клековски потенцираше дека Министерството за здравство ќе ги објави епидемиолошките податоци, додека резултатите од испитувањата на водата се во надлежност на локалното јавно претпријатие и на општината. Тој појасни дека министерството ќе ги објави резултатите „од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата“ кои биле релевантни за епидемијата.

„Самите резултати од испитување на водата се сопственост на Јавното комунално претпријатие Гостивар и на градот Гостивар. Она што министерството ќе го објави е резултатите што беа релевантни за епидемијата, а тоа е од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата. Меѓутоа не гледам проблем, бидејќи тие се дневни контроли, да бидат објавени од, можам да сугерирам и на Јавното комунално и на Центарот за јавно здравје Тетово да ги објави, како што јас ќе ги објавам сите што ги има правено Центарот за јавно здравје годинава“, каза министерот.

Тој нагласи дека фокусот е да се излезе од епидемијата транспарентно и со научени лекции. „Состојбите, посебно во Гостивар, се повторуваат и треба структурно да видиме што е проблемот во водоводот и дали имало проблеми во реакцијата на институциите, бидејќи повеќе институции се одговорни, Јавното претпријатие, АХВ, центрите за јавно здравје, и ќе ги соопштиме сите работи најтранспарентно. Ќе објавиме и од 2017, 2019 – она што е сопственост на министерството, а тоа се тестирањата правени со Националната програма, а тие што се во сопственост на Јавното комунално претпријатие, треба јавното комунално да си ги објави, редот е така. Да бидеме начисто, тие се истражувања кои се нарачани и може да ги објави само нарачателот“, вели тој.

Водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули, откако вработени во претпријатието поставиле потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење, за да го тестираат притисокот на водата. Од петокот водата е прогласена за безбедна за пиење.

И премиерот Христијан Мицкоски побара да се објави извештајот за водата, со цел да се потврди дека водата од гостиварскиот водовод е исправна за пиење.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи