Почетна
Македонија

Клековски: Ќе постапам по извештајот за непотребните операции откако ќе добијам безбедносен сертификат

Министерот вели дека го поминал интервјуто за сертификат и дека не може да преземе мерки додека не му биде издаден.

·Македонија
Клековски: Ќе постапам по извештајот за непотребните операции откако ќе добијам безбедносен сертификат

Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека не може да постапува по извештајот за непотребните операции на срце додека не го добие потребниот безбедносен сертификат.

„Секако има заклучок на Владата, само што јас не можам во моментот да постапам бидејќи сѐ уште немам сертификат за државна безбедност, односно безбедносен сертификат. Јас имам аплицирано, го поминав интервјуто и очекувам дека штом се создадат законски услови ќе го направам тоа, како што имам направено за сите претходни случаи каде што имаме сомнеж за сторен криминал“, рече Клековски по посетата на пунктот на Институтот за јавно здравје.

Што кажуваат комисиите

Извештајот за сомнежите дека се изведувале непотребни кардиохируршки зафати беше разгледуван на затворена седница на Владата пред неколку месеци. Случајот го отвори интервенционистот кардиолог Сашко Кедев, кој јавно посочуваше дека некои операции не биле медицински оправдани.

Министерството за здравство формираше домашна комисија од експерти за да ги провери сомнителните досиеја на пациенти. Во составот беа лекари од приватни и од државни болници, како и претставници на Министерството и на Фондот за здравствено осигурување. Наодите од домашната комисија ги прегледаа тројца странски експерти, кои заклучија дека во најмалку девет случаи операциите биле непотребни.

Клековски потсети дека уште во јули, кога беше на чело на Фондот за здравствено осигурување, соопштил дека извештајот е усвоен на владина седница. Денеска рече дека ги поминал процедурите за добивање на безбедносниот сертификат и дека очекува да постапи откако ќе се исполнат законските услови.

Додека не го добие сертификатот, министерот вели дека нема да може да преземе административни или истражни мерки што инаку би биле дел од постапката по такви сомнежи.

Фото: Министерство за здравство

Поврзани написи