Почетна
Македонија

Клековски: Михаилова ја напуштила земјата бидејќи нема здравствен случај

Клековски тврди дека бегството се случило пред да пристигне бугарскиот лекарски конзилиум; следи проверка на медицинската документација.

·Македонија
Клековски: Михаилова ја напуштила земјата бидејќи нема здравствен случај

Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека Ива Михаилова ја напуштила земјата затоа што, според него, не постоел здравствен случај што би го оправдал нејзиното оставање под медицинска нега. Случајот доби интензивни политички реакции откако беше распишана меѓународна потерница и системот ја изгуби следливоста на повеќе од десет часа.

Клековски рече дека во земјата требало да дојде бугарски лекарски конзилиум кој заедно со македонски лекари требало да ги провери наводите поврзани со лицето, а бегството се случило пред тоа да се случи.

Сашо Клековски – Министер за здравство: „Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. ​Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа бидејќи во основа таму нема здравствен случај“

Проверка на медицинската документација и барања за одговорност

Здравствените власти најавија проверка на медицинската документација за да утврдат кој и како дал препорака за лекување во странство. Актуелниот директор на Клиниката за неврологија веќе побарал од здравствениот инспекторат да постапи.

Опозицијата ги засили барањата за оставки и истраги. ВМРО-ДПМНЕ побара истрага за поранешниот директор на Клиниката за неврологија Иван Барбов, кој дал препорака за лекување во соседна Бугарија.

Валентин Манасиевски– ВМРО-ДПМНЕ: „За осомничената Ива Михаилова, која инаку е осомничена во кривично-правен настан, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, криминалниот другар и доктор на Филипче и Заев, Иван Барбов, изготвил извештај на ден 19.03.2026 година, во кој јасно се наведува дека нејзиното понатамошно лекување мора да продолжи во соседна Бугарија."

ТВ 24 побара став од Барбов; тој не одговори на прашањата, но на Фејсбук порача: „јас само лекувам пациенти – не сум пуштил никого да избега.“ Во меѓувреме СДСМ повторно побара оставка од Тошковски.

Реагираше и ЛДП, која побара одговори од премиерот Христијан Мицкоски за пропустите во безбедносниот систем и како Михаилова ја напуштила земјата без соодветна евиденција, посочувајќи и на случајот со Артан Груби како дополнителен предизвик за контрола на границите и одговорноста на институциите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи