Почетна
Македонија

Клековски: Новиот закон за лекови ќе предвидува планови при недостиг и построги правила за фалсификувани лекови

Предлог-законот воведува пријава на дефицитарност, резервни терапии и предвидува кривично гонење за фалсификувани лекови.

·Македонија
Клековски: Новиот закон за лекови ќе предвидува планови при недостиг и построги правила за фалсификувани лекови

Министерството за здравство презентира предлози за нов Закон за лекови според кои ќе се воведе обврска за пријавување на недостиг на лекови и изготвување резервни планови кога одредена терапија привремено или трајно ќе стане недостапна.

Основни решенија, мониторинг и усогласување со европските стандарди

Министерот Сашо Клековски изјави дека сегашниот закон е донесен во 2007 година и бил изменет повеќе од 20 пати, поради што се подготвува целосно ново законско решение кое ќе го регулира исклучиво полето на лековите; медицинската опрема ќе биде опфатена со посебен закон, а фармацевтската дејност планирано ќе се одвои во следна фаза.

Во предлогот е вклучена постапка за пријавување несакани реакции, а носителите на одобренијата ќе имаат обврска да пријавуваат предвидливи прекини во производството или испораката. Кога терапијата ќе недостасува, законот ќе предвидува резервни планови кои можат да вклучуваат заменска терапија или други мерки за справување.

Во делот на фалсификуваните лекови, предвидено е усогласување со европските прописи и со стандардите на Советот на Европа; за првпат фалсификувањето лекови ќе биде предвидено како кривично дело, што ќе бара усогласување со Кривичниот законик.

Клековски го посочи лекот „декотин“ како пример за производ за кој што во моментов има траен недостиг и рече дека најголем дел од недостигот е предвидлив, бидејќи производителите или добавувачите однапред знаат за прекини или доцнења. Според него, затоа е потребна поголема дисциплина и навремено информирање.

Во однос на јавните набавки, министерството посочи дека здравствените установи веќе можат да планираат повеќегодишни набавки. Министерството ќе испрати препораки и ќе организира заеднички состанок со Фондот за здравствено осигурување за подолгорочно финансиско планирање, иако преговорите ќе се водат годишно. Договорите треба да предвидуваат алтернативи за секоја терапија и казни за доцнење или неиспорака.

Новата регулатива, како што е образложено, ќе ги поедностави одредени регистрациски постапки и ќе овозможи евидентирање на потрошувачката за подобра проценка на финансиските импликации при вклучување лекови на позитивната листа; очекувања се нови лекови да се најдат на позитивната листа во 2027 година.

Д-р Аким Али, шеф на регионалната канцеларија на СЗО во земјата, ја поздрави соработката со Министерството, со МАЛМЕД и експертите во подготовката на законот и потврди дека СЗО ќе ја поддржува земјата во сите фази од процесот.

Фото: Принтскрин

Поврзани написи