Клековски: Просечен пушач троши над 600 евра годишно — повеќе отколку за здравствено осигурување
На конференција на 24 ноември 2026 министерот најави построги мерки за достапност, контрола на продажбата на малолетници и користење на акцизи за здравство.

Министерот за здравство Сашо Клековски предупреди на 24 Ноември 2026 дека просечниот пушач во земјава годишно издвојува над 600 евра за цигари, што според него е повеќе отколку што многумина плаќаат за здравствено осигурување. Клековски оцени дека тоа е неодржлива состојба, особено ако се има предвид дека околу половина од населението пуши.
Забрани, контроли и заштита на малолетни
На националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, во организација на тинк-тенкот Аналитика и Светската здравствена организација, министерот рече дека новиот закон за забрана на пушењето е насочен кон намалување на пристапноста до тутунските производи, меѓу другото преку забрана на рекламирањето и нивно тргање од видното поле на потрошувачите.
„Значи ние имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење, отколку за здравствено осигурување. Носителите на осигурување годишно издвојуваат околу 500 евра, заедно со придружните осигуруеници, мислам дека годишното здравствено осигурување е околу 420 евра, а велиме над 600 евра се издвојуваат годишно за цигари и мислам дека тоа е неодржлива ситуација, во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето, отколку што издвојува за да го заштити здравјето“ — изјави Клековски, одговарајќи на новинарско прашање.
Клековски посочи дека заштитата на малолетниците е посебен приоритет и дека треба да постои општествен консензус околу две основни прашања: да не се пуши во затворени простории и да не се продаваат цигари и слични производи на лица под 18 години. „Ако треба да направиме некаков општествен консензус во однос на пушењето, за мене две прашања се клучни. Едното е дека не може да се пуши во затворен простор, а второто е дека не може да се продаваат цигари и слични производи на деца под 18 години“ — нагласи тој.
По усвојувањето на законот ќе следи поинтензивна контрола на продажбата на тутунски производи на малолетници, посочи министерот, цитирајќи извештаи според кои повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени при обидот да купат цигари. Тој наведе и дека цената е важен фактор за пристапноста: просечен пушач кој троши околу 270 кутии годишно издвојува повеќе од 600 евра.
Клековски ја отвори и можноста дел од приходите од акцизите и од зголемените цени на тутунските производи да се наменат за здравствениот фонд, со цел средствата собрани од производи штетни по здравјето да се користат за лекување на последиците од нивната употреба. Тој додаде дека утврдувањето на акцизите не е во негова надлежност, но дека неговиот став е дека штетните производи не треба да бидат најевтини и лесно достапни на пазарот.
Фото: прес-материјал од настанот


