Почетна
Македонија

Клиентите на АЛТА банка повторно имаат пристап до електронско и мобилно банкарство

Електронските услуги се рестартираат со утврдени лимити; нова експозитура во Скопје почнува на 11 ноември.

·Македонија
Клиентите на АЛТА банка повторно имаат пристап до електронско и мобилно банкарство

Клиентите на АЛТА банка АД Битола од денеска (10 ноември) повторно можат да ги користат услугите на електронското и мобилното банкарство во рамките на утврдените ограничувања за располагање со средствата. Ова е дел од постепеното олеснување на рестрикциите што ги спроведува Народната банка на Република Северна Македонија.

За клиентите со платежни картички неделниот лимит изнесува 15.000 денари, додека за оние без картички е предвиден лимит од 20.000 денари за период од две недели. Лимитите важат за сите сметки во банката и ги опфаќаат плаќањата со картички во трговските објекти и преку интернет, подигањето готовина од банкомати и на шалтер, како и плаќањата преку електронско и мобилно банкарство.

Експозитура во Скопје од 11 ноември

Од утре, 11 ноември, ќе почне со работа и експозитурата на АЛТА банка во Скопје, лоцирана во Трговскиот центар „Бисер“, на булеварот „Јане Сандански“ бр. 1/1. Со отворањето на новата експозитура, клиентите од Скопје и околината ќе имаат полесен пристап до банкарските услуги.

Продолжуваат да работат и експозитурите во Битола, Струмица и Тетово, каде што клиентите и досега можеа да подигаат готовина на шалтер во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Народната банка информира дека внимателно ја следи состојбата во АЛТА банка и постепено ја проширува достапноста на банкарските услуги, со цел клиентите полесно да пристапат до сопствените средства и непречено да ги извршуваат платежните обврски. Банката продолжува да работи, а привремената администрација останува на сила како заштитна мерка до разрешување на сопственичката состојба. Приоритет на Народната банка е заштитата на интересите на клиентите и зачувувањето на стабилноста на банката.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи