Климовски: Апаратите за ВЛТ се платени и уредно складирани
На рочиштето за набавката од 9,7 милиони евра директорот рече дека компанијата има увид во машините и ќе се изјасни за имотно‑правно побарување.

На рочиштето за обвинението за наводна незаконска набавка на видео‑лотариски терминали (ВЛТ) во вредност од 9,7 милиони евра, како сведок се појави Александар Климовски, генералниот директор на АД Државна лотарија. Тој во воведните прашања рече дека е избран за директор на 5 август 2024 година.
На прашањето на обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски кои игри на среќа Државна лотарија има право да ги организира, Климовски одговори: „Државна лотарија ги приредува општите игри на среќа (лото, инстант лозови, освен томбола од затворен тип), натаму електронските на посебен начин и интернет игрите на среќа кои се виртуелни и се организираат преку глобалната интернет мрежа“.
Тој рече дека во моментов, освен ВЛТ‑терминалите, Државната лотарија приредува сите останати игри на среќа што ги наведе. Објасни и зошто Лотаријата не приредува ВЛТ‑игри од 2013 година: правото за електронски игри во тоа време било пренесено како непаричен влог во новооснована компанија „Ново ВЛТ“, основана од АД Државна лотарија и друштво од групацијата Новоматик. По тоа, рече, Државната лотарија постапила со статусна промена и „Ново ВЛТ“ било избришано од трговскиот регистар.
Апаратите се платени, просторот делумно одобрен
Климовски сведочеше дека апаратите за видео‑лотариски игри кои се предмет на предметот се исплатени од Лотаријата и уредно складирани и дека Друштвото во секој момент има увид врз нив. Рече дека УЈП има одобрение за просторот на овие машини, но Министерството за финансии не дало такво одобрение. Тие решенија, според него, се донесени пред неговото доаѓање во 2024 година и тој не барал нови одобренија; во тој период, забележа, се сменила власта и пристигнала нова министерка за финансии од ВМРО‑ДПМНЕ.
Во врска со имотно‑правното побарување, Климовски изјави дека Државната лотарија се приклучува кон кривичниот прогон и дека во текот на постапката ќе се изјасни дали, во кој износ и како ќе го оствари правото — преку оваа постапка или во граѓански суд — откако ќе заседаваат органите на Друштвото.
Обвинението наведува дека обвинетите дозволиле набавка на машини и ВЛТ‑терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако правото веќе било доделено на компанијата Casinos Austria. Според обвинението, првообвинетиот Бајрами на 09.05.2023 година доставил информација за преземање активности за самостојно приредување електронски игри, а на 06.06.2023 година Методија Димовски ја предложил таа точка како дополнување на дневниот ред на владина седница, постапувајќи, тврди обвинителството, спротивно на Деловникот за работа на Владата.
Понатаму се тврди дека Груби, кој претседавал со спорната владина седница, предложил усвојување на точката иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на акционерското друштво, додека надзорниот одбор го одобрил отпочнувањето на постапката за јавна набавка и покрај сознанијата дека правната постапка не е следена. Јавната набавка била реализирана, преземени се обврски за исплата и, според обвинението, на АД Државна лотарија ѝ била нанесена штета во наведениот износ од 9,7 милиони евра. Ова го следи и фактот дека во 2013 година правото било вложено како непаричен влог во вредност од 6.244.898 евра, со што претставувало 51% учество во новото друштво.
Фото: СДК.МК)


