Почетна
Македонија

Кочани: Обвинителен акт за девет лица во случајот „Пулс“, меѓу обвинетите и братот на претседателката на Кривичниот суд

Обвиненија за даночни контролори, сопственик на клуб и други за примање мито, злоупотреба на службена положба и фалсификување по пожарот од 16 март 2025.

·Македонија
Кочани: Обвинителен акт за девет лица во случајот „Пулс“, меѓу обвинетите и братот на претседателката на Кривичниот суд

Јавното обвинителство во Кочани поднесе обвинителен акт против три лица и обвинителен предлог против шест лица за дејствија на поткуп, злоупотреба на службена положба, одавање службена тајна и фалсификување, во врска со контролните постапки на Управата за јавни приходи во дискотеката „Пулс“ во Кочани и поврзаните компании.

Обвиненијата се дел од истрагата поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“ кој се случи на 16 март 2025 година, при што загинаа 63 претежно млади лица, а беа повредени повеќе од 200 лица.

Меѓу обвинетите се наоѓа и инспекторот во Управата за јавни приходи, Драган Паунов, кој е брат на претседателката на Кривичниот суд Скопје, Даниела Димовска. Обвинението наведува дека Паунов наводно примал мито од газдата на „Пулс“, Дејан Јованов, и од неговиот син за да дава дојави за најавени или ненавремени контроли во клубот и други негови објекти.

Поднесен е обвинителен акт за кривично дело Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик против двајца даночни контролори; еден од нив е обвинет за две вакви дејствија. Според обвинението, од Михаил Јованов, обвинет за Давање поткуп по член 358, тие побарале и примиле очила и рачен часовник како награда за да го информираат за ненавремени вонредни контроли во фирмите каде тој бил одговорно лице.

„Иако биле свесни дека согласно закон не смеат да одаваат информации кои ги осознале во врска со даночна постапка, првиот обвинет сепак го информирал третиот обвинет преку вибер пораки за дејствијата на УЈП и МВР во врска со наведените фирми, правејќи со тоа и продолжено кривично дело – Одавање службена тајна од член 360 од Кривичниот законик“, кажа Обвинителството за дел од прибраните докази.

Двајцата даночни контролори се обвинети и за Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик. Обвинителството наведува дека при контрола на правниот субјект каде третиот обвинет бил одговорно лице, на 06.03.2024 година биле утврдени даночни неправилности и нерегистриран промет, но тие неправилности не ги внесле во записникот, со што на буџетот му нанеле штета од 98.400 денари кои останале како ненаплатена глоба.

За да ги прикрие нарушувањата утврдени при контролата, вториот обвинет е обвинет и за Фалсификување службена исправа по член 361 од Кривичниот законик, односно за фалсификување на службениот извештај од контролата.

Дополнително, до судот е поднесен обвинителен предлог против уште четворица даночни контролори и инспектори за Злоупотреба на службена положба и овластување; еден од нив е обвинет и за Фалсификување исправа. Обвинението наведува и дека вработена во Државниот пазарен инспекторат го сторила делото Одавање службена тајна, откривајќи информации кога ќе се реализираат акциските контроли.

Обвинетите контролори и инспектори од УЈП вршеле контроли кај правни субјекти во кои како реален сопственик фигурира шестото обвинето лице — татко на лицето обвинето за давање поткуп. Нерегуларностите не биле евидентирани, а извештаите биле фалсификувани, по што законски предвидените казни не биле наплатени. Дејствувањето, според обвинението, било помогнато од реалниот сопственик Дејан Јованов, шестиот обвинет.

„Кривичната пријава за дејствија на Злоупотреба на службената положба опфаќаше уште четири лица, од кои за 2 е запрена постапката поради застареност, додека за 2 се утврди дека немаат дејствија на наведеното дело или на друго дело кое се гони по службена должност“, кажа Обвинителството.

Документите од Обвинителството во следната фаза ќе бидат доставени до надлежниот суд кој ќе донесе одлука за продолжување на постапката.

Фото: СДК.МК)

Поврзани написи