Кочоска: Гувернерот не ме консултираше за влезот на Алта банка во земјата
Министерката тврди дека Министерството за финансии немало контакти со гувернерот за влезот на Алта банка и дека денеска ќе се сретне со Трајко Славевски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска изјави дека не била консултирана од гувернерот на Народната банка, Трајко Славевски, по прашањето за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и за евентуалното преземање на Стопанска Битола.
Изјавата доаѓа по коментарите на гувернерот во медиумите дека, иако НБРМ е независна институција, се консултирал и со Владата за ова прашање. Кочоска категорично негира дека Министерството за финансии имало каква било комуникација по ова прашање.
Министерството тврди дека немало информации
„Ние како министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кој претходно други институции, банки биле заинтересирани така што најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немала никаква комуникација со гувернерот по основ на ова прашање,“ изјави министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Кочоска потенцира дека под нејзина надлежност се Финансиската полиција и Управата за финансиско разузнавање и дека дури откако НБРМ ја презела управата на Алта банка во Битола, таа немала информации за случувањата и генерално се информирала од медиумите.
Министерката не смета дека настаните со Алта банка ќе го нарушат банкарскиот систем бидејќи уделот на банката е многу мал, и ги повика штедачите да останат мирни. Денеска таа е закажана на средба со гувернерот Трајко Славевски.
Фото: прес-материјал од настанот


