Кога пристигнува првиот снег во Македонија?
УХМР: посвежо време следната недела, но првото побелување на врвовите се очекува подоцна, најчесто во октомври.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) соопшти дека новата работна недела ќе биде посвежа, но првите пообилни услови за снег на високите планини сè уште ќе треба да почекат.
Денес ќе владее претежно сончево време со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Максималните дневни температури ќе се движат од 22°C во западните и планинските предели до 30°C во југоисточните делови.
Во Скопје времето ќе биде претежно сончево со температура до 28°C.
Прогноза за наредните денови и кога може да забележиме снег
Според најавата на УХМР, до крајот на новата работна седмица ќе доминира посвежо и претежно сончево време со мала до умерена облачност преку денот. Атмосферата нема да биде целосно стабилна, па во вторник во северните делови може на места да има повремен краткотраен дожд. До среда ќе дува слаб до умерен ветер од северозапад, а потоа од југоисточен правец.
Утрата ќе бидат значително свежи, со минимални температури кои во планинските предели ќе се спуштаат и до 7°C. Метеоролошките анализи покажуваат дека во следните 10-тина дена нема услови за појава на снег во Македонија.
На Шар Планина (Попова Шапка) и на Пелистер дневните температури на високите делови ќе се движат меѓу 6°C и 11°C, а според сегашните најави ноќните температури нема да паднат под нулата. За првото побелување на највисоките планински врвови (над 2.000 метри надморска височина) ќе се чека следниот посилен влажен бран и пад на температурите под нулата, што според климатолошките просеци најчесто се случува во текот на октомври.
Во низините и градовите, пак, првиот снег по правило пристигнува кон крајот на ноември или во декември.
Во соседството, српските метеоролози најавуваат засилено заладување во третата декада на септември, околу 23 септември, кога е можен и прв слаб снег на највисоките врвови како Копаоник и Голија. Во Австрија, пак, на алпските масиви Дахштајн и Кицштајнхорн (над 2.900 m) веќе е забележан есенски снег со околу осум сантиметри снежна покривка, додека Германската метеоролошка служба (DWD) пријавува нула сантиметри снег на своите станици и на југозападот на Германија температурите повторно се искачуваат до 29°C.
Фото: Илустрација (АИ)


