Кој ќе го проектира и од каде пари? – Скопје и Софија повторно на маса за заедничкиот тунел на пругата
Кој ќе го изработи проектот и од каде ќе се најдат околу 70 милиони евра се основните прашања на преговорите меѓу Скопје и Софија.

Скопје и Софија повторно седнаа на преговарачка маса по прашањето за тунелот на пругата кон Бугарија, чија должина се проценува на околу три километри, и се бара согласност околу тоа која страна ќе го изработи проектот и како ќе се најдат пари за изградба.
Денеска во Софија е присутна македонска делегација која заедно со бугарските колеги разговара за тоа која држава е најдобра да го изготви проектот што потоа ќе биде користен при барањето на финансии.
Точна проценка на вкупните трошоци нема, но според некои груби пресметки би биле потребни околу 70 милиони евра. Напорите се да се обезбедат средства целосно од грантови, но од присутните изразија сомнежи дека тоа ќе биде лесно остварливо.
Финансиски следства и варианти
Следната средба за ова прашање најверојатно ќе биде во Скопје, а меѓу темите е и комбинирањето на различни извори на финансирање доколку грантовите се недоволни.
Земјата веќе ги загуби средствата од ИПА фондовите наменети за доизградба на железничката пруга кон соседна Бугарија — станува збор за 60 милиони евра — поради тоа што е поминат временскиот рок за старт на изградбата. За да се надомести тој загубен грант, владата го промени договорот и планира да користи кредити од ЕБОР и ЕИБ кои веќе се договорени.
Од СДСМ излегоа со обвинувања дека по загубата на овие средства товарот ќе падне на граѓаните преку нови задолжувања, додека од Владата уверуваат дека во следните неколку години нема да има финансиски импликации.
За третата фаза од железничкото поврзување, од Крива Паланка до границата со Бугарија, во тек е проверка на понудите за тоа кој ќе го врши надзорот; рокот за доставување беше до почетокот на јуни. Повикот за избор на изведувач според информациите ќе биде објавен за околу две недели.
Железничкото поврзување со Бугарија е проект на кои се работи со години, а железничкиот коридор 8 ги поврзува Јадранското со Црното море. Делот низ земјата поминува од границата со Бугарија, преку Бељаковце, Куманово, Скопје и Кичево до границата со Албанија.
Ирена Чачкова
Фото: прес-материјал од настанот