Случајот Ива Михајлова ги затегна односите помеѓу Скопје и Софија
МНР ќе ги информира институциите на ЕУ и Советот на Европа поради приемот на Михајлова во Софија; Бугарија најавува проверки и средби.

Со приемот на Ива Михајлова на високо ниво во Софија, односите меѓу Скопје и Софија се заострија, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и најави дека ќе го подигне прашањето пред европските институции.
Реакции од двете страни
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе ги информира меѓународните партнери, особено институциите на Европската унија и Советот на Европа. Ваквите постапки, за кои постојат и претходни примери, директно ја нарушуваат довербата меѓу двете држави и отвораат сериозни прашања за доследноста во почитувањето на заедничките европски вредности“ , стои во соопштението на министерството.
Од МНР предупредуваат дека националната припадност не смее да биде „алиби за избегнување на правдата“ и најавуваат дека ќе бараат објаснувања во рамки на институциите на ЕУ и Советот на Европа.
Претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова, изјави дека е подготвена лично да се сретне со Михајлова. На прашања од бугарските медиуми, Јотова рече: „Ќе се сретнете ли со неа? -Во првата можно прилика, доколку не ја задржат во болница. Но, дури и ако ја задржат во болница, ќе направам сè што можам за да се видам со неа“. За очекуваната реакција од Северна Македонија додаде: „Останува да видиме. Има уште многу неразјаснети околности. Сметам дека и други надлежни органи во Бугарија треба да одговорат на прашањата што ве интересираат“.
Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, најави проверка на околностите под кои Михајлова ја преминала границата и проценка дали ѝ е потребно обезбедување: „Ми пријавија дека таа и нејзиниот адвокат се наоѓаат во „Пирогов“. Ќе бидат преземени дејствија таа да биде сослушана, за да се утврди дали, кога, каде и како ја преминала границата. Ќе провериме дали имаат потреба од обезбедување и доколку имаат таква потреба, тоа ќе биде обезбедено“.
Случајот беше тема и на средбата во Софија помеѓу министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, и бугарската министерка Велислава Петрова-Чамова, каде меѓу другото се разгледуваше и можноста бугарски лекари да ја проценат здравствената состојба на Михајлова. Таа, која има македонско и бугарско државјанство, тврди дека е дискриминирана поради бугарското потекло и дека ѝ било онеможено да замине на лекување во Бугарија откако ѝ биле одземени личните документи во рамки на судската постапка против неа.
Фото: прес-материјал од настанот


