Кој ќе одговара за убиствата на жените? – Блокада пред Владата
Протест пред Владата со барања за правични постапки, независни проверки и пари за услуги за жртвите.

Неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе!“ почна блокада пред Владата како знак на протест против институционалното непостапување во случаите на фемицид и обидите за убиство врз жени. Присутните носеа транспаренти со натписот „Мал престап, жени убива, брат“ и побараа институционална одговорност.
Иницијативата посочи дека „во година во која 7 жени беа брутално убиени, а на евидентираните пријави за семејно насилство бележиме 70% пораст (рекордни 1.897 пријави), не смееме да дозволиме секојдневието да продолжи најнормално“. Според активистите, таквите бројки не дозволуваат состојбите да се третираат како нормални.
„Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока, на секој повик за надзор, на секое релативизирање на насилството како мал престап, на обвинителството, судовите и социјалните служби кои имаат одговорност и обврска да стават крај на монструозното фемицидно секојдневие!“, рекоа од иницијативата.
Конкретни барања
Активистите побараа итно постапување, транспарентни и правични судски постапки и соодветни казни за насилниците и убијците. Тие бараат утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци, како и независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти.
Како рок за усвојување на измени, иницијативата побара најдоцна до 10 декември да се донесат измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство и пакетот измени на осум закони, меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство, што според нив треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.
Исто така побараа најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите во буџетот за следната година. Иницијативата ги повика властите да повлечат регресивни измени донесени во април 2025 (закони за основно образование и учебници) и упатството за заштита од насилство во основно образование усвоено во јули 2025, како и да се врати програмата за сексуално образование, за да се зајакне заштитата од дискриминација, родова еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство.
„Ниту една повеќе!“ порачуваат дека ќе продолжат со протести и блокади се додека не се исполнат сите услови за безбеден живот и не се реализираат побараните законски, институционални и буџетски промени.
Фото: прес-материјал од настанот


