Комисијата: Дискриминација при вработување во Центар за култура АСНОМ во Гостивар
Комисијата нареди поништување на изборот и нов јавен оглас откако утврди етничка хомогеност и нетранспарентно оценување.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека гостиварчанец — Македонец бил предмет на директна дискриминација поради етничка припадност, пристап до вработување и пол при постапка за вработување во Националната установа Центар за култура АСНОМ во Гостивар.
Во решението Комисијата наведува дека во таа установа вкупно се вработени 34 лица: 26 Албанци, 4 Македонци и по двајца Турци и Роми. Во секторот уметност и култура, каде што конкурирал пријавениот кандидат, од 15 вработени сите се од албанска етничка припадност.
Недостасуваат мерливи и проверливи критериуми
Жалителот пред Комисијата посочил дека по интервјуто бил ставен на четврто место единствено затоа што така одлучила комисијата, без да постои јасно или проверливо образложение дека разликата од два–три бода произлегува од објективно мерливи разлики во нивните компетенции.
Во одлуката на Комисијата е запишано: "Начелото за соодветна и правична застапеност останува темелна вредност на уставниот поредок е релевантно за кадровското планирање, институционалните политики и следењето на структурата на вработените. Институцијата има обврска да го почитува и истовремено да гарантира еднаков пристап до секое работно место под еднакви услови. Таа не смее да гарантира по етничка припадност, ниту етничката припадност да ја претвори во услов за вработување. А кога постојат сериозни статистички и структурни индиции за етничка хомогеност, должна е да покаже дека конкретната одлука е донесена врз основа на неутрални , мерливи и проверливи критериуми".
Комисијата утврди дека за местото "библиотекарски помошник" во библиотечната служба сите 11 вработени се Албанци/Албанки и дека само еден вработен е маж. На огласот биле предвидени тројца вработени, а според индивидуалната проценка од интервјутата, како победници се избрани три жени од албанска националност. Директорката на Центарот за култура ѝ ја доставила на Комисијата само листата со бодови, без индивидуализирано образложение за разликите во оценките.
КСЗД препорача Центарот за култура АСНОМ да ја поништи постапката за избор на трите извршители и во рок од 30 дена по примањето на мислењето да објави нов оглас и да спроведе нова, транспарентна постапка која ќе се води според принципите на еднаков третман, недискриминација, стручност и проверливост на оценувањето. Истовремено, Комисијата ги повика да ги земат предвид обврските од Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Покрај тоа, Комисијата препорача да се воведат јасни, однапред утврдени и мерливи критериуми за оценување за фазата на интервју, со писмено евидентирање на одговорите, поединечните бодови по прашање и кратко индивидуализирано образложение за оценувањето, за да се избегне нетранспарентно и дискриминаторско одлучување. Центарот има 30 дена да извести за спроведените препораки, во спротивно ќе следи пријава до надлежен суд.
Фото: Центар за култура АСНОМ)


