Почетна
Македонија

Комисијата за одбрана и безбедност утврди Предлог‑резолуција за миграциската политика 2026–2030

Резолуцијата ги дефинира шест стратешки области за управување со легална и илегална миграција; истовремено се одобрија измени на Статутот на Воената академија.

·Македонија
Комисијата за одбрана и безбедност утврди Предлог‑резолуција за миграциската политика 2026–2030

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието ја утврди Предлог‑резолуцијата за миграциската политика на Република Северна Македонија за периодот 2026–2030 со придружен Акциски план и ја проследи за понатамошна процедура во пратеничкиот дом.

Шест стратешки области во фокусот

Општата цел на резолуцијата, истакна заменик‑министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, е создавање институционални и други претпоставки за развој на одржлива и сеопфатна рамка за управување на легалните и илегалните миграции во функција на унапредување на развојот на земјата.

„Резолуцијата ќе се реализира во шест стратегиски области, односно поддржувачка рамка, веродостојни и ажурирани податоци, управување со легалната миграција, управување со илегална миграција, влез и престој на странците во Република Северна Македонија и градење на партнерства за унапредување на меѓународната соработка во областа на миграциите“, информира заменик министерот за внатрешни работи Исени.

Членовите на Комисијата без забелешки ја прифатија предложената резолуција за периодот 2026–2030. На истата седница беа разгледани и и усвоени измените на Статутот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје, која е придружна членка на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Деканот на академијата, полковник Ненад Танески, појасни дека со развојот на академијата се појавила потреба за зголемување на дејноста и формирање Институт за воени науки. Тој рече: „Со развојот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ се укажа потреба од зголемување на дејноста, односно формирање Институт за воени науки. Статутот претставува развоен процес за продолжиме со своите активности за што максимална поддршка имаме од министерот за одбрана кој покажа и докажа дека Армијата и Министерството за одбрана, и Воената академија се многу битен фактор во развојот на офицерскиот кадар“.

На седницата беше нагласено и дека за измените на статутот е пристигнато позитивно мислење од Владата на Република Северна Македонија.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи