Комора на психолози: Менталното здравје да стане општествена одговорност
Комората повика на 10:10 да се постави прашањето „Како си, навистина?“ и апелира за превенција и повеќе достапни услуги.

По повод Светскиот ден на менталното здравје, Комората на психолози на Република Македонија денеска повика во 10 часот и 10 минути граѓаните, институциите и носителите на одлуки да одвојат момент за размислување за менталното здравје и за прашањето „Како си, навистина?"
Во јавната порака, Комората нагласува дека менталното здравје не треба да се третира само во моменти на криза, туку како прашање што се гради секојдневно во семејството, образованието, работната средина и здравствениот систем. Оттаму посочуваат дека зад секојдневното функционирање на луѓето често се кријат замор, исцрпеност и лични борби кои остануваат незабележани.
Апели до политики, училишта и работодавачи
Комората апелира до креаторите на политиките да обезбедат подостапни услуги, превентивни програми и доволен број стручни лица. До образовните институции — да посветат поголемо внимание на психолошката благосостојба на децата и младите, за училиштето да биде средина каде децата знаат кому да се обратат, а не само место каде се забележува проблемот.
До работодавачите и менаџерите — грижата за менталното здравје не е тим‑билдинг еднаш годишно ниту мотивациска порака на ѕид. Таа се гледа во реалниот обем на работа, во начинот на кој се разговара со луѓето и во можноста вработените да кажат дека не можат повеќе без страв дека ќе бидат прогласени за слаби или неспособни.
Претседателката на Комората, проф. д-р Елеонора Серафимовска, во изјава за Телма зборуваше за митовите наспроти реалноста во грижата за менталното здравје. „Најчесто се смета дека на психолог се оди само кога веќе не можеме да издржиме, но на психолог се оди кога би сакале да поразговараме при некоја важна одлука во животот, да се запознаеме подобро зошто така функционираме или размислуваме. Друг мит е дека одењето на психолог е знак на слабост, можеби не е како порано но се смета дека човек треба сам да се избори. Препознавањето дека некои нешта не можеме да ги решиме е чин на храброст“, порача Серафимовска.
Комората, исто така, упати порака до здравствените, социјалните и педагошките работници, психолозите и наставниците — и вие имате право да се изморите и да побарате поддршка. Помагањето не значи дека вие мора да можете да носите сè. На крајот, Комората повика на отворен разговор: општество кое се грижи за менталното здравје е оној кое создава секојдневни услови за луѓето да живеат, работат, учат и растат без да ја плаќаат цената со сопственото психолошко здравје.
Фото: прес-материјал од настанот


