Коруновски: Македонија има исклучителни ресурси, но туристичките производи не ги следат истите
На јавната расправа за Нацрт-националната стратегија 2027–2032 се побара подигнување на квалитетот, продажбата и дисперзијата на туризмот.

Во организација на Министерството за култура и туризам се одржа завршната јавна расправа за Нацрт-националната стратегија за туризам 2027–2032, на која експерти, претставници на локалната самоуправа и стопанството разменуваа предлози и препораки за идните насоки на секторот.
Четири столба и непосредните предизвици
Проф. д-р Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство — Охрид нагласи дека Македонија располага со исклучителни природни и културни ресурси, но дека туристичките производи не ја следат таа вредност. „Да се подигне квалитетот на туристичките производи, затоа што Македонија има исклучителни ресурси, но производите не ги следат истите. Тука треба да биде вклучена можноста за продажба, резервација и истите да излезат на пазарот“, рече тој при презентацијата на нацрт-стратегијата.
Коруновски посочи и дека е неопходна поголема координација меѓу институциите и дека туристичките движења не треба да бидат концентрирани само во една сезона или во неколку туристички локации. Тој подвлече дека мерките не треба да се фокусираат единствено на растот на бројот на посетители, туку и на времетраењето на нивниот престој: „Најчесто ќе кажеме да, имаме зголемување на бројот на туристи, но многу поважно е да имаме зголемување на бројот на престојот. Значи туристите да остануваат повеќе.“
Во врска со авио-сообраќајот, професорот истакна дека стратегијата предвидува годишно до Министерството за транспорт и врски да се доставуваат предлози, засновани на пазарни истражувања, за воведување нови линии, наместо Министерството да предлага нови авиолинии според други критериуми.
Како дополнителен предизвик тој посочи и човечкиот капитал: ако платите се пониски од просечните и работата е само сезонска без можност за трајна кариера, услугите нема да бидат квалитетни.
Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, потенцира дека успешната реализација на Стратегијата ќе зависи од заедничка посветеност. „Успешната реализација на Стратегијата ќе зависи од заедничката посветеност и координација на сите чинители, бидејќи развојот на туризмот не е одговорност само на едно министерство, туку бара партнерство меѓу институциите, локалната самоуправа и приватниот сектор“, рече министерот.
Нацрт-стратегијата почива на четири столба, при што првиот и клучниот е пазарот — усогласување на понудата и побарувачката, за природните и културни богатства да се претворат во квалитетни и конкурентни туристички доживувања. На расправата беа предложени конкретни мерки за подобрување на квалитетот на производите, воведување системи за продажба и резервации, просторно и временско дисперзирање на туризмот и проширување на понудата надвор од традиционалните дестинации.
Фото: прес-материјал од настанот


