Регионален механизам за туризам на ЗБ6 лансиран во Тирана
RCC ќе координира нов механизам за заедничко брендирање, поврзани рути и подобрено управување со дестинациите.

Министрите и високите претставници надлежни за туризам од Западен Балкан 6 — заедно со меѓународните партнери — се состанаа во Тирана на Министерскиот состанок за туризам, кој се одржа во пресрет на претстојниот Самит на лидерите за Планот за раст. На состанокот беше официјално лансиран Регионалниот механизам за туризам на ЗБ6, координиран од Советот за регионална соработка (RCC).
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Амер Капетановиќ, ги презентираше регионалните приоритети за брендирање и промоција во рамки на сесијата со главни излагања и ја објасни практичната цел на новиот механизам.
Поголем обем и видливост на меѓународните пазари
Капетановиќ нагласи дека туризмот учествува со 13% во БДП на регионот и дека секторот допира до бизниси и заедници далеку надвор од главните туристички дестинации. Тој оцени дека посилна регионална соработка може да им даде на земјите од Западен Балкан поголем обем, континуитет и видливост на меѓународните пазари.
„Туристичките оператори веќе 'го продаваат нашиот регион' на начинот на кој посетителите често го доживуваат – како едно патување. Нашата задача сега е тоа патување да го направиме полесно за планирање, полесно за патување и полесно за заедничка промоција. Регионалниот механизам за туризам ни дава начин заедничките приоритети да ги претвориме во заедничко дејствување и да постигнеме резултати што посетителите, бизнисите и локалните заедници навистина можат да ги почувствуваат“, рече Капетановиќ.
Во соопштението од состанокот се наведува дека механизамот, кој беше одобрен на Самитот на Берлинскиот процес минатиот месец и лансиран на денешниот Министерски состанок, ќе помогне во реализацијата на заедничко брендирање и промоција, поврзани регионални рути и искуства, посилно управување со дестинациите, како и соработка во областа на податоците и вештините.
Фото: прес-материјал од настанот


