Почетна
Македонија

НБРМ: Се проширува пристапот до средствата на клиентите на „АЛТА банка“ – фирмите можат неограничено да ги користат новите приливи

Од 25 ноември правните лица можат целосно да располагаат со приливите префрлени од сметки во други банки; физичките лица и понатаму имаат утврдени лимити за електронски операции.

·Македонија
НБРМ: Се проширува пристапот до средствата на клиентите на „АЛТА банка“ – фирмите можат неограничено да ги користат новите приливи

Народната банка на Република Северна Македонија информира дека, од денес, 25 ноември, правните лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата се пренесени од платежни сметки на клиенти отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Тоа значи дека фирмите ќе можат без ограничување на износот да ги користат дополнително примените средства врз оваа основа.

Што значи тоа во пракса

Потсетуваме дека и физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, доколку средствата доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и даватели на платежни услуги. Оваа можност се однесува на новите приливи врз сите основи, вклучувајќи ги и новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми коишто имаат сметки во други банки и даватели на платежни услуги.

Клиентите на Банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на Банката.

Продолжуваат со работа филијалите на „АЛТА банка“ АД Битола во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“, каде што клиентите можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.

Клиентите можат да ги користат и услугите на електронското и мобилното банкарство, при што важат лимитите до 15.000 денари неделно за клиентите со платежни картички и до 20.000 денари во период од две недели за клиентите без платежни картички. Лимитите се однесуваат збирно на сите сметки на клиентот и на сите канали за плаќање и повлекување средства.

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за олеснување на пристапот на клиентите до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи