Почетна
Македонија

Косово врати над 12 тони производи од македонска млекарница – АХВ чека резултати од анализите

Косовската АХВ на 06.11.2026 ја забранила испораката; македонската АХВ вели дека има земено мостри и чека лабараториски извештаи.

·Македонија
Косово врати над 12 тони производи од македонска млекарница – АХВ чека резултати од анализите

Косово врати повеќе од 12 тони прехранбени производи произведени во македонска млекарница откако тамошните инспектори утврдиле повторени прекршоци на критериумите за хигиена и безбедност на храната, вклучувајќи претходни лабораториски наоди за присуство на бактеријата Escherichia coli над дозволените граници во претходни пратки.

АХВ: земени мостри, резултатите сè уште не се добиени

„Одбивањето на увозот е извршено врз основа на одлука на косовската Агенција за храна и ветеринарство од 06.11.2026 година, со која се забранува увоз на производи од оваа фабрика и таа се брише од листата на одобрени објекти за извоз на прехранбени производи во Република Косово“, стои во образложението на косовското АХВ.

Македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека сè уште не е официјално известена од косовските служби, но потврдува дека млекарницата поднела барање за враќање на пратката која се наоѓа под официјален надзор на косовските власти.

„Во рамки на вонредната контрола во млекарницата земени се мостри од млечни и композитни производи, како и брисеви од работни површини, опрема и од вработените лица кои се дадени за тестирање во две независни лаборатории, чии резултати АХВ сè уште ги нема добиено“, пишува во одговорот на АХВ.

Од АХВ појаснуваат дека тоа не е првпат Косово да врати пратка од истиот производител и дека досега во тој преработувачки капацитет се извршени неколку редовни и вонредни контроли без утврдени отстапувања. Според агенцијата, производите што се пласираат на македонскиот пазар ги исполнуваат законските и подзаконските критериуми за безбедност на храната.

„По спроведените лабораториски тестирања на земени мостри производи од овој преработувачки капацитет (на 29.04.2026 година и на 21.10.2026 година), не се утврдени недоследности кај тестираните производи“, соопштуваат од АХВ. За другите пратки што Косово ги врати во април и во август годинава, АХВ информира дека косовските ветеринарни служби уништиле вкупно над два тона млечни производи кои ги прогласиле за небезбедни, а дополнителните анализи на останатите враќани пратки покажале задоволителни микробиолошки критериуми за безбедност.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи