Костовски: ВМРО-ДПМНЕ да не го користи моето и името на Еуростандард банка во меѓупартиските пресметки
Костовски тврди дека има документ од 5 јуни кој ја запира истрагата и повикува институциите да го најдат вистинскиот виновник.

Бизнисменот Трифун Костовски вечерва во видеообраќање на социјалните мрежи побара од ВМРО-ДПМНЕ да не го користи неговото име и името на Еуростандард банка како "монета за поткусурување" во меѓупартиските пресметки и повика институциите да го лоцираат вистинскиот виновник и да го изведат пред суд.
Во објавата тој ја поздравува одлуката на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за ставање на Алта банка под привремена администрација и предупреди дека проблемите со Алта банка можат силно да се одразат врз граѓаните.
Костовски посочи дека не може да разбере зошто владејачката партија, според него, континуирано шири невистини поврзани со Еуростандард банка. Тој вели: "Не можам да ги разберам поривот или причинаите зошто владејчката партија ВМРО-ДПМНЕ во континуитет шири невистини поврзани со Еуростандард банка – дека имало перење пари, дека имало незаконски трансакции од Венецуела и се споменуваат фирми кои се блиски до претходното раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев."
Тврди дека поседува документ од ЈО за ГРКК
Костовски тврди дека поседува документ од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од 5 јуни оваа година, со кој се запира истрагата за перење пари и незаконско работење во Еуростандард банка. Според него, собраните средства во стечајната маса покажуваат дека банката не требало да оди во стечај.
Костовски во видеото нагласи: "Дефинитивно нема да дозволам мојата банка и моето име да бидат ставени на тапет и да бидат монета за поткусурување меѓу политичките партии во нашата држава. Советувам, давам предлог на владејачката ВМРО-ДПМНЕ доколку има вистински намери да го постави прашањето зошто СДСМ не го направи истиот чекор во време на нивното владеење да ја спаси банката којашто дефинитивно денес со сите факти којшто говорат од собраните средства во стечајната маса, дека оваа банка не смеела да оди во стечај."
Тој додаде дека им стои на располагање на институциите и на партиите да даде одговор на секое прашање за да се дојде до вистината за стечајот на Еуростандард банка.
Во врска со настаните, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на надзорната расправа за Алта банка во среда, 11 ноември, повлече паралела со случајот на Еуростандард банка и го опиша како пример за "брутален начин на банкротирање на финансиска институција". Мицкоски изјави: "Тоа е брутален начин на банкротирање на една финансиска институција откако претходно нејзината ликвидност е исцрпена со издавање на кредити коишто влијаат на активата на самата банка, но и на ликвидноста на банката и компании коишто се поврзуваат со една политичка партија којашто е денеска дел од опозицијата. Но, за тоа си има судски процес којшто ќе си даде одговор на сите овие прашања и ќе видиме кои се тие компании, кои се нивните сопственици и како тие компании ја исцрпеле банката до состојба да таа преку ноќ банкротира и луѓето до ден денеска да не можат да си ги добијат парите."
Еуростандард банка отиде во стечај во 2020 година. На 8 јули оваа година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека до Основниот кривичен суд – Скопје се поднесени обвиненија против четири лица од поранешното раководство на пропаднатата Еуростандард банка АД Скопје. Три лица се товарат за предизвикување стечај на банка, додека едно лице е опфатено со обвинителен предлог за несовесно работење во службата.
Фото: Принтскрин


