Почетна
Спорт

Крива Паланка и Баскет Кам за трофејот во женскиот Суперкуп

Шампионот Крива Паланка и носителот на Купот Баскет Кам 2011 ќе го отворат новиот натпреварувачки циклус со дуел за Суперкупот.

·Спорт
Крива Паланка и Баскет Кам за трофејот во женскиот Суперкуп

Нова сезона, нов трофеј: женскиот Суперкуп на Македонија „Драган Василов – Цевка“ по шести пат ќе го добие својот победник, а за пехарот ќе се судрат шампионот Крива Паланка и освојувачот на Купот, Баскет Кам 2011 од Македонска Каменица.

Натпреварот е закажан за 3 октомври 2026 година во 18:00 часот, во салата „Бранители 2001“ во Крива Паланка, каде домашниот тим ќе се обиде пред својата публика да го освои првиот Суперкуп во клупската историја.

Баскет Кам 2011 влегува како актуелен носител на Суперкупот и со јасна цел да ја продолжи серијата која почна во 2022 година: тимот од Македонска Каменица ги освои последните четири изданија, а минатата година во финалето беше подобар од Вардар.

Изјави пред натпреварот

Шефот на стручниот штаб на шампионот, Виктор Петровски, го оцени дуелот како проверка на подготовките и можност за зголемување на мотивацијата пред стартот на првенството.

ПЕТРОВСКИ: „Секако првиот натпревар носи одредена посебна енергија, особено кога станува збор за натпревар за трофеј. За нас ова е можност да покажеме до каде сме стигнале со подготовките и да ја пренесеме работата од тренинзите на терен. Свесни сме дека сезоната е долга, но сакаме да започнеме со трофеј за уште посилен мотив пред стартот на првенството“.

Петровски додаде: „Очекувам квалитетен и неизвесен натпревар во кој деталите ќе имаат големо значење. Баскет Кам е екипа со големо искуство, со играчи кои повеќе години се заедно, но ние сакаме да го наметнеме нашиот ритам. Подготвени сме за предизвикот и верувам дека ќе ги покажеме карактерот, енергијата и тимскиот дух што ги имаме и ќе го потврдиме шампионскиот менталитет“.

За измените во ростерот Петровски рече: „Имаме одредени промени во ростерот, тимот е значително подмладен и нормално е дека ни треба време за целосно да се воиграме. Но, она што многу ми се допаѓа е карактерот на мојата екипа и начинот на кој девојките работат, како едно. Многу им верувам на моите играчи и верувам дека со секој одигран натпревар ќе изгледаме сè подобро и подобро“.

Со драстично променет состав ќе настапи и Баскет Кам 2011, а од клупата ќе ја предводи Јордан Цветановски, кој ги најави максималниот ангажман и напорна борба за пехарот.

ЦВЕТАНОВСКИ: „Не очекува тежок натпревар против Крива Паланка, која е квалитетна екипа и актуелен шампион. Ние, иако не сме комплетни, веруваме во нашите квалитети. Ќе дадеме максимум од првата до последната минута и се надевам дека ќе успееме да го освоиме Суперкупот“.

Детали за натпреварот
Крива Паланка – Баскет Кам 2011
3 октомври 2026 | 18:00 часот
Сала „Бранители 2001“ – Крива Паланка

Досегашни победници на женскиот Суперкуп
2021: Бадел 1862 – Скопје
2022: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2023: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2024: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица
2025: Баскет Кам 2011 – Македонска Каменица

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи