Почетна
Македонија

Кривична пријава за Стевчо Јакимовски и две службенички од Општина Карпош

МВР тврди дека во 2025 биле издадени одобренија за локација опфатена со укинат ДУП од 2018 година.

·Македонија
Кривична пријава за Стевчо Јакимовски и две службенички од Општина Карпош

Против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, и две службенички од општината, идентификувани како Б. Б. и С. С. Ѓ., поднесени се кривични пријави за издавање одобренија за градба врз основа на Детален урбанистички план (ДУП) кој со одлука на Уставниот суд бил укинат во 2018 година.

МВР: одобренијата издадени и покрај одлуката на Уставниот суд и внатрешните насоки

Според МВР, првопријавената Б. Б., како раководителка на Сектор за урбанизам во Општина Карпош, заедно со второпријавената С. С. Ѓ., вработена во истиот сектор, на 23 јули 2025 година издале одобрение за градба иако знаеле дека ДУП за предметната локација бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година. Ова го сториле и покрај тоа што биле запознаени од насоките на тогашниот градоначалник на Карпош да не се издаваат изводи од планови и одобренија за градење за локации опфатени со укинати Детални урбанистички планови.

„Откако третопријавениот потпишал договори со инвеститорите за регулирање на надоместокот за уредување на градежно земјиште без да изврши увид дека тие договори се однесуваат на барања поднесени за локација за која бил укинат ДУП и за кои самиот дал насоки да не се издаваат одобренија за градење, прво и второпријавените на 23.07.2025 на инвеститорите им издале Одобрение за градење, со што им овозможиле на инвеститорите противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 10 427 518 денари“, се наведува во пријавата на МВР.

Во пријавата се наведува и дека службеничките злоупотребиле службена положба кога, на 29 октомври 2025 година, им овозможиле на инвеститори противправно да се стекнат со право на изградба на објект во вредност од 13 021 914 денари, иако знаеле дека доставениот основен проект е изработен спротивно на важечкиот урбанистички план.

МВР дополнително посочува два случаи во кои првопријавената како раководителка издала решенија за натстрешници и покрај неприспособеноста со законските и урбанистичките услови. На 25 март 2025 година таа издала решение за натстрешница која не била во функција на постоечки објект и која не била согласно важечкиот урбанистички план, туку засебен објект поставен во простор со намена Д1 – парковско и пејзажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил; во тој случај инвеститорот не доставил целосна документација, а не бил пресметан и наплатен надоместок за уредување на градежното земјиште.

Вториот случај се однесува на решение издадено на 30 јули 2025 година. И покрај тоа што за истата натстрешница претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за нејзино отстранување, како и покрај непотполната документација и нерегулираниот надоместок за уредување на градежното земјиште, првопријавената повторно издала решение со кое се одобрува нејзината градба.

Кривичните пријави се доставени до надлежното обвинителство и се очекуваат натамошни истражни дејствија.

Фото: Архива

Поврзани написи