Почетна
Македонија

Кривична пријава за Зоран Трајчевски поради дозвола за Арена М, најави Филипче

Партјата тврди дека Арена М добила дозвола како странски канал и ќе испрати писма до лидери на ЕУ за наводна хибридна медиумска активност.

·Македонија
Кривична пријава за Зоран Трајчевски поради дозвола за Арена М, најави Филипче

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) најави дека ќе поднесе кривична пријава против директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, поради начинот на кој му е дадена дозволата за емитување на програмата на медиумот Арена М, соопшти лидерот на партијата Венко Филипче.

Филипче рече дека, според нивните сознанија, на Арена М ѝ е овозможено да се води како странски канал иако програмата се произведува и емитува од канцелариите на Градскиот стадион во Скопје. Тој оцени дека таквата постапка е противзаконска и предизвикува оштетување на буџетот.

Писма до функционери на ЕУ и дополнителни обвинувања

Лидерот на СДСМ додаде дека писмата до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и до европската комесарка Марта Кос се подготвени и ќе бидат доставени во текот на денот или најдоцна утре, заедно со кривичната пријава. „Да, писмата се подготвени и во текот на денот, најдоцна утре, ќе ги испратиме. Јасно е наведено кои се нашите забелешки“, рече Филипче.

За мотивот на пријавата Филипче образложи дека постои директна индикација дека на македонски медиум, конкретно Арена М, која е сместена во просториите на Градскиот стадион, ѝ е дадена дозвола „како за странски канал“, иако во странските регистри тој медиум не фигурира. „Многу конкретно. Затоа што на македонски медиуми кои овде функционираат, конкретно Арена М, која што е сместена во просториите на Градскиот стадион, тука им се канцелариите од каде што се емитува програмата, гледаме фудбалски пренос од тие канцеларии, им дал дозвола како за странски канал. Значи, дадена е дозвола на медиум кој овде продуцира програма, како да е странски, а во тие регистри во странство го нема. И тоа е противзаконски и тоа е оштетување на буџетот. Но, тоа не се прави без поддршка од највисоките кругови на власта“, рече Филипче.

Тој појасни дека ќе се бара одговорност од сите вклучени лица. „Нека се мислат и Трајчевски и тој од Државната лотарија на кој му кажуваат што треба да работи, да троши народни пари и да го оштетува буџетот за интересите на власта. Што прават луѓето? Им упатив јавно предупредување до тие луѓе да не го слушаат Христијан што им зборува, затоа што ќе одговараат. Нема да има милост за никого и ќе ги вратат парите“, рече Филипче.

Портпаролката Кузеска, како што посочи Филипче, предупредува дека на нашиот медиумски пазар влегуваат српски играчи, што ја поврзува со намерите на опозицијата за контрола врз медиумите. СДСМ најави дека пријавата ќе биде поднесена официјално откако ќе бидат доставени писмата и доказите.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи