Почетна
Македонија

Крмов најави иницијатива за укинување на платеното политичко рекламирање

Координаторот на пратеничката група на Левица рече дека партијата ќе поднесе измени на Изборниот законик поради наводна нееднаквост.

·Македонија
Крмов најави иницијатива за укинување на платеното политичко рекламирање

Пратеничката група на Левица најави на 24 септември 2026 година дека ќе поднесе сет измени на Изборниот законик, при што првата иницијатива ќе биде за укинување на платеното политичко рекламирање. Овој чекор следи по одлуката на Уставниот суд да ја отфрли претходната иницијатива на партијата и да не расправа за спорните одредби за рекламирање.

Крмов: Одлуката на Судот е скандалозна и исполитизирана

„За жал, поминува во сенка на скандалозната, недемократска и крајно исполитизирана одлука на Уставниот суд да ја отфрли иницијативата на Левица и да не расправа за проблематичните делови од Изборниот законик, коишто ја исклучуваат Левица како единствена партија од политичко рекламирање“, истакна координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов.

Според Крмов, образложението дека за овие одредби веќе било одлучувано не го отсликува денешниот политички контекст: од 2023 година состојбата се променила, бидејќи Левица денес има парламентарна партија и пратеничка група која е исклучена од платеното политичко рекламирање.

Крмов посочи дека последиците од таквата нееднаквост се видливи на локалните избори. „Нашиот кандидат Амар Мециновиќ влезе во вториот круг во град Скопје. Имавме два кандидати во вториот круг, но само еден кандидат имаше ППР и тоа е една недозволива и апсолутно незаконска и неуставна работа“, изјави Крмов.

За таа цел, Левица најави дека ќе отпочне со законодавни иницијативи: „Ќе имаме повеќе иницијативи, повеќе измени на Изборниот законик и ќе почнеме со првата, кај што ќе бараме да се укине платеното политичко рекламирање. Мислиме дека тоа е најфер. Ако веќе не можат сите партии да добијат тоа што им следува, тогаш ќе е најфер никој ништо да не добие, и со тоа ќе му заштедиме на буџетот милионски суми“, нагласи Крмов.

Левица го поддржува и повторното отворање на дијалогот за Изборниот законик. „Чекаме да видиме и другите партии да се изјаснат дали прифаќаат повторно да се отвори дијалогот за Изборниот законик. Понатаму, исто видом и дека министерот за правда, новиот министер, вика дека сака од страна на Министерството за правда да се отвори дијалог, така да ние и тоа го поддржуваме“, рече Крмов, но додаде дека дијалогот не смее да служи како изговор за продолжување на постојната неправда.

На прашањето за потенцијални посилни реакции, Крмов порача: „Во секој случај, сè е на маса. Значи, Левица не планира веќе да биде третирана во Собранието како партија од втор ред. Сè е на маса ако овие одредби, овие спорни одредби од Изборниот законик не се исправат, па и радикализација во Собранието на политичката партија Левица“, порача координаторот на пратеничката група на Левица.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи