Кружен тек во Тетово претворен во паркинг, општината најавува мерки
Жителите алармираат на недостатокот од паркинг и нерегулирано паркирање; од општината најавуваат инфраструктурни решенија и тест-период.

Нов кружен тек во Тетово, кој требаше да го олесни сообраќајот, се претвори во неформален паркинг откако поединци почнаа да ги оставуваат возилата на коловозот, создавајќи опасност за безбедноста и дополнителен урбан метеж, велат жители.
„Јас пред зградата моја никогаш паркинг не можам да најдам, по улициве се бориш по пола час каде да ја паркирам, И секој ден е истиот проблем. Има премногу згради, премногу возила.“
„На пример живеам во оваа зграда позади мене, за 142 стана има само 42 паркинг места па може да замислите каков хаос е. А секој веќе во просек има по два аута дома што значи проблем е огромен.“
„Пример кај мене, живим ја Блок77, имаше паркинзи порано колку стана е моментално сега немаш и нема се доселија од другите села зафатено значи проблем е. Воопшто дојди преку ден сега барај паркинг, нема.“
Планови и мерки од општината
Општината ја посочува Планот за мобилност во кој се утврдени над 10.000 локации за паркирање како дел од долгорочното решение. Градоначалникот Биљал Касами, кој го води градот во втор мандат, предлага комбинирани мерки: катни гаражи, воведување едносмерни улици за да има зонско паркирање, затворени паркинзи и други инфраструктурни решенија.
„Сега веќе имаме интегрално решение за решавање на овој проблем, но ние сме свесни дека иако сега формално правно имаме комплетирано целата процедура, имплементацијата на терен нема да оди лесно. Затоа е предвидено дали месец дали 3 месеци да имаме тест период,“ вели градоначалникот Биљал Касами. Општината, исто така, ја отфрли физибилити студијата за јавно-приватно партнерство за паркиралишта и соопшти дека управувањето со паркирањето ќе продолжи да го врши општинското претпријатие.
Фото: прес-материјал од настанот