Почетна
Македонија

Потребен е национален консензус за уставните измени и државен план за напредок кон ЕУ – велат од платформата „12:05“

Платформата вели дека евроинтеграцијата е државно прашање надминува поединечни мандати и бара конкретни реформи и проверки на имотот на функционерите.

·Македонија
Потребен е национален консензус за уставните измени и државен план за напредок кон ЕУ – велат од платформата „12:05“

Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ реагираше на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ за 2026 година и повика на национален консензус за уставните измени и на државен план за забрзан напредок кон полноправно членство.

Организаторите нагласуваат дека евроинтеграцијата е државно прашање што ги надминува мандатите на поединечни влади и дека никоја партија не смее да тврди дека има ексклузивно право на евроатлантските интеграции или монопол врз патриотизмот.

„Крајно време е сите политички актери да престанат да ги злоупотребуваат Извештаите на Европската Комисија за дневно политички пресметки. Полноправното членство во ЕУ е едно од најважните државни прашања кое ги надминуваат мандатите на една или друга политичка Влада. Никој нема ексклузивно право на евроатлантските интеграции како што и никој не може да си припишува монопол за македонскиот патриотизам", велат од платформата.

Во реакцијата се посочува и потребата албанските политички партии да ги надминат меѓусебните обвинувања за етнички прашања, оти создавањето идентитетски спорови често се користи за меѓупартиски пресметки прикривајќи бизнис- и тендерски интереси.

„Албанските политички кампуси имаат обврска да излезат од спиралата на меѓусебно обвинување за строго етнички прашања, да создаваат идентитетски проблеми, за потоа да ги злоупотребуваат за нивна меѓусебна политичка пресметка зад која всушност се кријат бизнис, тендерски интереси", се додава во реакцијата.

Платформата укажува и на забелешките на Европската комисија за високата политичка корупција и за измените на Кривичниот законик од 2023 година: „Опстанокот и постоењето на висока политичка корупција не може да биде критикувана од творците на скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023 година, за што Европската комисија и во 2026 година нотира сериозни забелешки, а тоа ги засега партиите и од сегашната власт и од опозицијата", велат оттаму.

Шест приоритети за забрзување на евроинтеграциите

Во своите заклучоци, организаторите ја издвојуваат и загриженоста за економскиот учинок, посочувајќи дека од секои 100 денари собран ДДВ, државата во законскиот рок враќа само 14,3 денари.

  • Изработка на национално усогласен државен план за (ре)приклучување во групата со Албанија и Црна Гора;
  • Политички консензус за неопходните уставни измени и основни правни гаранции;
  • Измени на Изборниот законик со воведување една изборна единица и отворени листи;
  • Законски мерки кои ќе спречат застарување на кривичното гонење за дела поврзани со политичка корупција;
  • Проверка на потеклото на движниот и недвижниот имот на сегашни и поранешни избрани и именувани функционери и нивните потесни семејства.

Организаторите ги поздравуваат позитивните поместувања, како вклучувањето во Планот за раст за Западен Балкан, засилените напори за спроведување на Реформската агенда и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, но предупредуваат дека недостасува политичка волја за клучните внатрешни реформи.

„Фактот што ЕК најавува можност за постепена интеграција во ЕУ нам ни треба итен и национално усогласен државен план за (ре)приклучување во групата со Албанија и Црна Гора. Време е за акција за конечно градење на македонско политичка и мултиетничка унификација на позициите за неопходните уставни измени и основни правни гаранции без кои не можеме да направиме чекор напред кон полноправното членство во ЕУ", посочуваат организаторите на „Разговори за иднината во 12:05".

Фото: Принтскрин

Поврзани написи