КСЗД: продавачка во Гранап нарекла дете со аутизам "крадец", детето доби акутна реакција на стрес
Комисијата оцени дека службеното однесување предизвикало траума кај детето кое имало психијатриска интервенција и стручна дијагноза F43.0.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека продавачка во маркетот Гранап повела вознемирувачко однесување кон малолетно дете со дијагноза од аутистичен спектар, откако го пријавила дека краде додека влегло во продавницата со сок купен од друга продавница.
Според пријавата на мајката, настанот се случил неколку минути пред 8 часот, во непосредна близина на училиштето. Мајката наведува дека продавачката викала по детето: „Зошто крадеш?“, додека детето не можело да одговори поради своите специфични комуникациски потреби. Детето почнало да се тресе, имало напад, било прегледано од психијатар, не спиело таа ноќ и подоцна одбивало да оди на училиште.
Во претставката се потенцира дека детето има вискoфункционален профил на нарушување од аутистичниот спектар и дека продавачката, која го познава детето и го повикала по име, јавно му упатувала: „Зошто крадеш? Остави го сокот!“, пред други присутни во продавницата. Како последица, детето било видно вознемирено и изразувало страв да се врати во продавницата.
Изјаснувања, стручна евалуација и заклучоци
Комисијата согласно член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација испрати барање за изјаснување до продавачката. Таа преку адвокат ја негираше наводната навреда, тврдејќи дека детето било вознемирено поради изгубен паричник и дека се обидела да го смири и да му помогне. Како доказ приложила две писмени изјави од лица кои биле присутни и потврдиле дека детето барало паричник и дека продавачката се обидувала да го смири.
Комисијата ги разгледа и доставената документација и стручно мислење од Невроразвојниот центар „Во мојот свет“, изготвено еден ден по настанот. Во стручниот наод е забележано изразено вознемирување, анксиозност, промени во секојдневното функционирање и на бихејвиорално ниво повлекување и одбивање да одат на училиште. Дијагнозата наведена во наодот е F43.0 – акутна реакција на стрес, и е препорачано психолошко советување и продолжување на терапевтската поддршка.
Комисијата заклучи дека при оценувањето на постапувањето кон дете со попреченост не може да се применува исклучиво општ критериум за вообичаена комуникација со купувачите. Потребно е да се земат предвид возраста на детето, неговата попреченост, можноста да разбере и да објасни ситуацијата и влијанието на однесувањето на возрасните врз неговото достоинство.
КСЗД препорача продавачката во иднина да се воздржи од какво било вознемирувачко, понижувачко или навредливо постапување кон лица со попреченост, особено кон деца, при пристапот до добра и услуги. Полицијата презеде постапки по пријавата; со продавачката бил извршен разговор и ѝ била изречена усна опомена, за што е составена службена белешка.
Фото: СДК.МК)


