КСЗД: тројца лекари дискриминирале целосно слепо лице
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација наложи повторна проценка поради намалување на месечната помош и непотребни контролни прегледи.

Стручна комисија при јавна здравствена установа во Скопје терала целосно слепо лице да доаѓа на повторни прегледи и го предложила намалување на месечната парична помош од 6.342 на 5.610 денари, а Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) во септември утврди директна дискриминација.
КСЗД: утврдено дискриминирање по основ на попреченост
Претставката е поднесена во КСЗД на 12 јуни. Во мислењето што го донесе во септември, КСЗД констатира дека тројца специјалисти — членови на стручната комисија која предложила намалување на помошта — постапиле дискриминаторски врз основа на попреченост.
Специјалистите му определиле помал обем на туѓа нега од оној што му беше утврден претходно, и покрај тоа што слепилото на двете очи е трајна и непроменлива состојба за која нема лек и која бара поголем обем на помош и нега. Подносителот на претставката посочил дека се чувствува дискриминиран бидејќи други лица со иста дијагноза, меѓу кои и неговата сопруга, остваруваат право на месечна помош повеќе од 30 години без да бидат повикувани на контролни прегледи.
Член 49 од Законот за здравствена заштита пропишува дека потполно слепо лице има потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем, бидејќи не може самостојно да ги извршува основните секојдневни активности, ниту да се движи самостојно во или надвор од домот, ниту да се храни, облекува или одржува лична хигиена.
КСЗД препорача Јавната здравствена установа, преку надлежната стручна комисија, да спроведе повторна проценка на дискриминираното слепо лице согласно Законот за здравствена заштита. Комисијата исто така предложи да се преиспита потребата од определување повторен контролен преглед со оглед на трајниот карактер на здравствената состојба на подносителот.
Во поднесените жалби до институциите за заштита на човековите права и до Народниот правобранител граѓаните укажуваат на поширок проблем: административните барања ги натерале тешко болните и неспособни за движење лица или нивните семејства да прават дополнителни напори, а многумина не можат лично да го носат решението до центарот за социјална работа и се откажуваат од помошта што им следува.
На 30 септември министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека се подготвуваат измени на регулативата за работата на комисиите за туѓа нега и мобилност. Една од опцијата е комисиите да добијат директен пристап до медицинската документација преку системот „Мој Термин“, наместо граѓаните сами да собираат и пренесуваат документи меѓу институциите.
„Податоците веќе постојат во системот. Треба да патуваат податоците, а не пациентот“, рече Клековски, но не наведе кога овие промени ќе стапат на сила. Тој додаде дека зад секое барање за туѓа нега или мобилност стои лице со сериозна здравствена состојба и семејство кое се грижи за него, па секоја дополнителна потврда и чекање претставуваат дополнителен товар.
Фото: прес-материјал од настанот


