Почетна
Македонија

Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, се чека одлука за укинување на забраната за пиење

Локалниот кризен штаб вели дека микробиолошките анализи се поволни и дека покачениот хлор се враќа во дозволени рамки; конечната одлука ќе ја донесе Централниот кризен штаб.

·Македонија
Квалитетот на водата во Гостивар се подобрува, се чека одлука за укинување на забраната за пиење

Квалитетот на водата во гостиварскиот водовод бележи подобрување, но конечната одлука за укинување на забраната за пиење ќе биде донесена откако ќе пристигнат и последните анализи, соопшти Локалниот кризен штаб. Микробиолошките испитувања подолг временски период даваат поволни резултати, а покаченото ниво на хлор што се користеше за дезинфекција постепено се враќа во дозволените граници.

Чекање на одлука од Централниот кризен штаб

„Се надеваме дека деновиве, можеби утре или задутре, ќе се состане Централниот кризен штаб и ќе ја информира јавноста дека водата во Гостивар дефинитивно е безбедна за пиење“, изјави координаторот на Локалниот кризен штаб, Зуди Џелили.

Тој додава дека се работи на завршување на резервоарот во селото Горна Бањица, што ќе придонесе за значително подобрување на снабдувањето во јужниот дел на општината, во населбите Горна и Долна Бањица, Циглана и Фазанерија.

Дотогаш, состојбата се надминува со снабдување преку цистерни, а на граѓаните им се дистрибуира пакувана вода за пиење. Стручни екипи претпладне зедоа примероци од водата на седум пунктови низ градот и ги испратија на испитување во лабораторија.

Гостиварци повеќе од четири недели се без пивка вода. Според информациите од Главниот штаб за управување со кризи, водата во Гостивар засега смее да се користи само како техничка, но не и за пиење и за приготвување храна.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, потврди викендов дека последните анализи покажуваат подобрување во однос на претходните мерења, но дека е потребно дополнително време пред водата да биде прогласена за безбедна за пиење. Министерот за здравство, Сашо Клековски, минатата недела изјави во телевизиско интервју дека анализата на водата за пиење ќе биде објавена до 20 август.

Фото: МИА

Поврзани написи