Почетна
Македонија

Една година по локалните избори: Струга се бори со вода, депонија и улици

Граѓаните и претпријатијата велат дека проблемите со водата, депонијата и инфраструктурата остануваат нерешени во првата година од мандатот на Менди Ќура.

·Македонија
Една година по локалните избори: Струга се бори со вода, депонија и улици

Пред една година, по четири мандати на Рамиз Мерко, граѓаните на Струга го избраа Менди Ќура — независен бизнисмен поддржан од Вреди и ВМРО‑ДПМНЕ, со ветувања за модернизација на општината и подобрување на животните услови.

Водата, депонијата и улиците како приоритети

Најитен предизвик е водоснабдувањето. Минатиот февруари, Струга еден месец остана без вода за пиење поради загадување на изворите, но проблемите се подлабоки: дотраена мрежа, чести дефекти и намалена издашност на изворите.

"Вода немаме. Со водата сме имале проблеми и наназад. Треба да се најде некое поконкретно решение, затоа што сите знаеме дека изворите се скоро пресушени," велат граѓаните.

ЈП Водовод Струга информира дека претпријатието било преземено со милионски долгови, со тешка финансиска и кадровска состојба и без соодветна механизација, и дека работат на консолидирање додека се реконструира мрежата и се бара долгогодишно решение. "Едната можност е да се оди со неколку бушотини низ градот, за да се користат во кризни состојби, а втората варијанта е еден проект кој се заговара повеќе години, чини многу пари, но водата нема цена. Тоа е голема инвестиција, но ако тоа се спроведе со партнери, централната власт и локалната власт, Струга ќе ја обезбеди својата иднина за вода," вели Јованчо Мечкароски, директор на ЈП Водовод Струга.

Инаку, градската депонија, сместена на 2–3 километри од центарот, со години е извор на чад и непријатна миризба која влегува во секојдневието на жителите. "Депонијата е прв проблем. Загадува вода, воздух, сè е загадено овде од депонијата, што треба да се реши веднаш. Цела планина се направи, многу се чувствува во Струга, мириса," додаваат граѓаните.

Уличната инфраструктура, особено во туристичкиот дел на градот, е дополнителен извор на незадоволство. "Инфраструктурата е проблем. Ова е туристички град, тој проблем треба да се реши. Лоши улици, патишта," велат граѓаните.

Мислењата за првата година од мандатот на Ќура се поделени: "Се работи нешто, добро е и треба да се работи. На подобро оди," велат дел од граѓаните, додека други остануваат критички: "Ништо нема подобрување," вели стружанка. Сепак, очекувањата дека ветувањата од кампањата ќе се преточат во видливи проекти остануваат високи.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи