Ладен атмосферски фронт од север ќе ги зафати Балканот и Македонија од 11 септември, најави метеоролог
Метеорологот Славчо Попоски најавува пониски температури, развој на олујни системи и можни први снежни врнежи во Алпите.

Од 11 септември кон Балканот и кон Македонија ќе се спушти ладен атмосферски фронт од север, кој ќе донесе значително намалување на температурите и прекин на досегашните високи летни температури, предупреди метеорологот Славчо Попоски.
Што се очекува
Попоски појасни дека фронтот ќе помине преку Алпите и најверојатно ќе донесе и први снежни врнежи и снежна идила за оваа сезона на европските Алпи. Тој посочи дека влегувањето на ладниот фронт ќе ја дестабилизира атмосферата над широк дел од регионот.
„ Овој ладен атмосферски фронт од север ширум Балканот и во Македонија значително очекувам да ја дестабилизира атмоферата. Очекувам развој на олујни системи, чести врнежи, појава на грмежи и локални временски непогоди кои можат да сосдаваат нови проблеми.
Веќе од 11 септември температурите ќе бидат многу пониски и веќе полека ќе го чувствуваме надоаѓањето на есента и на есенското време со почести врнежи, но и со многу пониски температури на воздухот. Со пеколните горештини за ова лето и тоа од 11 септември веќе завршуваме.
Многу подетална и појасна метеоролошка слика и анализа токму околу оваа метеоролошка промена ќе имам во следните денови, кога се ќе биде многу појасно, со што навремено ќе бидете информирани околу тоа што точно не чека со времето од 11 септември“, објави тој.
Метеоролозите предупредуваат дека каде што ќе се развијат невремиња, локално можат да се очекуваат посериозни непогоди; граѓаните и служби треба да бидат подготвени за брза промена од високи температури кон постудено и поројно време од 11 септември наваму.
Фото: пекселс


