Почетна
Македонија

Уставниот суд ќе расправа за линеарното усогласување на пензиите и низа други иницијативи

Судот ќе ги разгледува иницијативите што оспоруваат одредби за пензии, јавна чистота, градење и урбанистички решенија, како и барања за заштита на права.

·Македонија
Уставниот суд ќе расправа за линеарното усогласување на пензиите и низа други иницијативи

Уставниот суд денеска ќе разгледува повеќе иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на закони и подзаконски акти, меѓу кои и оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување која предвидува линеарно усогласување на пензиите.

Подносителите на иницијативите наведуваат дека оспорената одредба, која се однесува на периодот од 1 септември 2025 до 31 март 2026 година, ја суспендира примената на членот 37 од Законот, кој предвидува усогласување на пензиите врз основа на порастот на платите и инфлацијата.

Во иницијативите се посочува дека линеарното зголемување — односно зголемувањето за подеднаков износ за сите пензионери — не ја зема предвид висината на пензијата, претходните уплати на пензиски придонеси и годините работен стаж. Според подносителите, на овој начин пензионерите со пониски пензии добиваат релативно поголемо процентуално зголемување од оние со повисоки пензии, што, како што тврдат, претставува нееднаков третман на пензионерите во спротивност со уставното начело на еднаквост и забраната за дискриминација.

Судиите ќе расправаат и по иницијатива за дел од Законот за јавна чистота, со која, според подносителот, не е јасна определбата да се „заштити" само „централното подрачје на општините, општините во Градот Скопје и градот Скопје". Ќе расправат и по иницијатива за одредби од Законот за градење и Законот за Градот Скопје поврзани со поништување одобренија за поставување урбана опрема.

Други точки на дневен ред

На дневен ред се и иницијативи за оценување на резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, Програмата за основни геолошки истражувања за 2026 година, одлука поврзана со тарифникот за надоместоци во технолошко-индустриските развојни зони, како и одлука за урбанистички план во Општина Тетово.

Покрај иницијативите, Судот ќе разгледува и барања за заштита на слободите и правата на граѓаните кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност, како и за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Фото: прес-материјал од настанот

Поврзани написи