ЛДП бара итно донесување на законот за забрана на двојно државјанство
Партијата вели дека законот е заглавен, предлага проширување на опсегот и нотираните изјави како доказ за единствено македонско државјанство.

Либерално-демократската партија (ЛДП) повикува на итно изваѓање и конечно донесување на закон со кој ќе им се забрани на пратениците и на другите функционери да имаат двојно државјанство, оти предлогот сѐ уште е заглавен во собраниските лавиринти.
Во реакција на партијата се наведува дека додека државата троши народни пари за прослави по повод 35 години од осамостојувањето, клучни законски решенија поврзани со лојалноста на носителите на јавни функции се игнорираат.
ЛДП бара проширување на опсегот и итни контроли
Од ЛДП посочуваат дека предлагачите на законот, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, молчат и го избегнуваат конечниот чекор за донесување. Партијата оценува дека забраната не треба да важи само за пратениците, туку и за министрите, директорите, судиите, јавните обвинители и сите други функционери.
ЛДП потсетува дека претседателката и пратеничка Моника Зајкова веќе објави заверена нотарска изјава како доказ дека поседува само македонско државјанство и побара истото да го сторат и останатите пратеници. Партијата инсистира сите актуелни носители на функции да ги достават на увид нивните досиеја, а сите што поседуваат двојно државјанство да се откажат од второто или веднаш да поднесат оставка.
„Нема потреба од половични решенија, ’ќе важи за овој мандат, ќе важи за другиот мандат’, ’ќе важи за едните, ама нема да важи за другите’“, се вели во соопштението на ЛДП, кое предупредува дека секое одложување значи купување време и отвора сериозни сомнежи за тоа дали извршителите на државните функции ги штитат интересите на Македонија или на друга држава.
ЛДП потсетува дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на 21 април годинава во Собранието достави предлог за изменување и дополнување на Законот за пратеници, со кој се предлага пратеник во Собранието да може да биде само лице што има само македонско државјанство. Ден подоцна, Зајкова ги повика колегите пратеници и сите функционери да заверaт нотарски изјава дека немаат друго државјанство освен македонското и дека немале двојно државјанство во моментот кога стапиле на функцијата, а ако некој се покаже дека имал двојно државјанство, веднаш да поднесе оставка.
Од СДСМ предложениот закон го оценија како „класична измама“, но иако партијата најави поддршка, лидерот Венко Филипче рече дека ќе поднесе амандмани со кои ќе се бара забраната да ги опфати и актуелните пратеници.
Фото: прес-материјал од настанот


